Македонија
21. March 2023 - 16:38

Новите здруженија аплицираа на повикот за приватни и превозници во Град Скопје

Приватните превозници ја доставија потребната документација на објавениот оглас од Град Скопје. Од почетокот на април очекуваат да се вратат на скопските улици откако претходно ќе бидат отворени понудите и ќе ги потпишат договорите.  Неколкумесечниот хаос и гужви на постојките ќе биде решен со враќање на 16 линии и 115 автобуси.

-На 27 во понеделник е отворањето на понудите, се надеваме дека нема да има жалби и се ке помине во најдобар ред. Потоа треба да склучиме договор со Град Скопје и со ЈСП и да се вклучиме во сообраќај, изјави Јовица Зафировски, претставник на приватните превозници.

Превозниците велат дека почнала и исплатата на долгот а условите во овој повик биле исти како и претходните. Понов возен парк најавуваат во следниот период.

-Ќе има модернизација на јавниот превоз во градот и ние ќе учествуваме во тоа. Ќе се потрудиме да обезбедиме понови автобуси а потоа ќе преговараме за останатото со градот околу возните редови, плаќањето по километар, вели Зафировски.

Во ноември минатата година приватните превозници престанаа да бидат дел од градскиот превоз поради долгови што бараа да им бидат исплатени. Неколупати протестираа и ги блокираа главните крстосници во градот, за овој месец да најдат решение во преговорите со Град Скопје.