Македонија
24. November 2025 - 21:13

Новите станови кои се продаваат првпат и натаму ќе се даночат со 5% ДДВ

Новите станови кои се продаваат за првпат и натаму ќе се даночат со повластена стапка од 5 отсто ДДВ. Мерката која се применува 15 години и истекува на 31 декември, ќе продолжи да важи и од 1 јануари. Од Министерството за финансии велат дека предложените измени веќе се во владина процедура. 

Здружението на градежништво го поздрави ваквиот чекор. Сметаат дека најголем бенефит ќе имаат купувачите. 

„Доколку оваа мерка во 2010-та година беше донесена за да им помогне на градежните компании да бидат поконкурентни и да имаат производ кој повеќе ќе се пласира , а тоа се станбените единици, сега оваа мерка е неопходна за граѓаните. Доколку не се продолжеше со таа стапка од 5%, разликата од 18 до 5 отсто во голема мерка ќе ја платеа купувачите. Дури имавме и договори на одредени градежни компании кои стигнаа до нас како здружение во коишто во купопродажните договори до станови укажуваа на тоа дека доколку се промени стапката на ДДВ дека разликата ќе ја плати купувачот после нова година“ - Андреа Серафимовски, Претседател на Здружението на градежништво, индустрија на градежни материјали и неметали.

Во меѓувреме, од следниот понеделник младите кои сакаат да купат прв стан ќе може да добијат кредит од банките со учество од 10%, наместо досегашните 15. Правилото за „рата-плата“ останува исто, односно најмногу 55% од месечната плата може да оди за отплата. За оние што сакаат да купат втор или трет стан ќе важат многу построги правила - најмалку 25% сопствено учество. Месечната рата, пак, се спушта на најмногу 50% од платата.

Поволностите за прв дом ќе важат само за граѓани кои немаат друг стан, не користат друг станбен кредит, и ќе живеат во купениот стан. Ќе треба да достават нотaрски заверена изјава, податоци со адреса, како и сметки за комуналии. Ако се открие измама, банката ќе има право да ги промени условите.