Свет
2. February 2016 - 12:16

Нови сомнежи за коруптивни потези на малезискиот премиер Разак

Минатата недела државниот обвинител на Малезија ги отфрли обвинувањата против премиерот Наџиб Разак, според кои тој нелегално присвоил 681 милион долари, откриени на приватните сметки на премиерот. Обвинителот заклучи дека големите пари биле приватна донација на симпатизери на премиерот Разак од богатите држави од Средниот исток и дека ја затвора истрагата.

Според малезискиот закон не е ограничена висината на донации што политичарите ја добиваат од домашни и странски донатори. Меѓутоа, во јули минатата година угледниот „Азијан Волстрит џурнал“ објави документи според кои трагата на 681 милиони долари на приватните сметки на Наџиб Разак води кон средствата на државниот Фонд за развој на Малезија. Оваа институција, со која лично раководи премиерот, во 2014 година забележа загуба од над девет милијарди долари, а билансот за минатата година се најавува како полош.

Објаснувањето на малезискиот државен обвинител, според кое нема корупција во активностите на премиерот Наџиб Разак предизвика незадоволство во јавноста, а опозициските лидери соопштија дека за нив приказната не е завршена. Во нивен прилог се и неколкуте информации од Швајцарија, Сингапур, Хонг Конг и САД, издадени во последниве денови.

Аналитичарите оценуваат дека тајмингот и тонот на институциите за финансиска контрола од Швајцарија и Сингапур укажуваат на нивна загриженост поради тоа што случајот со сомнителните милиони на Наџиб Разак „се става под тепих“. Во Швајцарија се замрзнати „десетици милиони“ долари што ги депонирале раководители на Фондот за развој на Малезија. Швајцарскиот државен обвинител минатата сабота соопшти дека е покрената истрага за потекло на над 4 милијарди долариод Малезија. Против двајца поранешни функционери на малезискиот Фонд за развој и неколку „непознати“ вложувачи е покрената истрага за криминал поврзан со поткуп, перење пари и други недозволени активности. На списокот на осомничените се високи сегашни и поранешни функционери од Малезија и Саудиска Арабија.

Вчера се огласија и сингапурските монетарни власти, објавувајќи дека ги испитуваат сознанијата за перење пари кои, најверојатно, доаѓаат преку малезискиот Фонд за развој. Во изјавата што ја потпишаа раководителите на монетарните власти и полицијата се нагласува дека нема да се дозволи употребата на сингапурскиот финансиски систем за да се прикријат нелегално стекнатите пари, или да се создаваат фиктивни фондации преку кои се перат нелегално стекнатите средства.