Македонија
12. March 2021 - 16:44

Нови промени во учебниците по социологија

Модернизација во образованието или напад на традиционалните вредности? Преку низа нови содржини во учебниците по социологија, средношколците ќе се запознаваат со улогата на бракот во општеството, родовите, како и ЛГБТ движењата.

Според дефиницијата во учебникот за втора година, "Семејството е логичка последица на бракот, а бракот е општествено признаен однос помеѓу двајца возрасни, најчесто помеѓу еден маж и една жена”.

Дефиницијата е во спротивност со Законот за семејство во Македонија, каде што бракот е опишан исклучиво како “Уредена заедница на живот на маж и жена во која се остваруваат, интересите на брачните другари, семејството и општеството...”, но од Министерството за образование велат дека промените во учебниците имаат цел модернизација на националниот образовен систем.

Велат дека ревизијата се прави по пристигнати забелешки, првенствено од Народниот правобранител, но и од страна на јавноста.

“Стереотипите и дискриминаторските содржини во учебниците негативно влијаат на развојот на младите луѓе и создаваат општество коешто ќе биде дискриминаторско. Тоа мора да се промени и учениците да се фокусираат на едукација за прифаќање на различностите, за стекнување на знаења во врска со родовата еднаквост, толеранцијата, мултикултурализмот и слично”, велат од МОН.

Од невладиниот сектор кој се занимава со дикриминацијата во општеството ги поздравуваат промените, но велат, долг е патот кон вистинска реформа.

Според Дрндаревска, сеопфатно решение за антидискриминаторно општество може да има само со нов Закон за средно образование и преку модерни методи за настава.