Македонија
22. September 2019 - 16:47

Нови преговори за Законот за јавно обвинителство

Работните групи на власта и опозицијата утре ќе направат нов обид за усогласување на ставовите околу измените на Законот за јавното обвинителство.

Средбата е закажана во Собранието во попладневните часови. Во редовите на власта владее оптимизам.

Од таму велат, дека решение може да се најде доколку опозицијата е заинтересирана за владеење на правото

Во опозицијата нема промена на ставовите. Од таму потенцираат дека за да се постигне договор, СДСМ мора да ги прифати нивните барање, кои како што велат се во согласност со меѓународното право.

Власта и опозицијата се уште не можат да се усогласат околу поставеноста и надлежностите на новото обвинителство за организиран криминал а едно од покрупните спорни прашања е и неговиот персоналн состав како и изборот на новиот шеф.
За да се изгласа овој предлог закон на власта ќе и треба двотретинско мнозинство во Собранието. Џафери вели дека таква поддршка овој предлог закон во Собранието се уште нема, а двете страни се далеку од договор.

Законот за јавното обвинителство е тема на преговори меѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ повеќе од 6 месеци, но до овој момент се уште нема договор. Последниот обид го направија лидерите на заедничка средба во Собранието но и по 7 часа разговори, Заев и Мицкоски излегоа со сопротивставени ставови. Сега и двајцата порачуваат дека се подготвени да седнат на нова средба тогаш кога работните групи ќе постигнат некаков напредок.