Нови правила за вработување и весела математика со пописот - 31,5 проценти Албанци во јавниот сектор
Наместо алатка за правична застапеност на етникумите, балансерот за вработување во администрацијата се чини дека е само можност за весела математика. Министерството за информатичко општество и администрација пред неколку дена направи промени во балансерот согласно резултатите од последниот попис но, бројките не кореспондираат меѓу себе.
Имено, во балансерот се запишани повисоки проценти за застапеност на Албанците, Турците и Бошњаците, отколку што покажува пописот, додека помал е процентот за Македонци, Роми и Срби. Единствено е точен процентот на Власите во земјава.
Особена разлика се забележува кај Албанците, чиј процент во пописот изнесува 24,30 отсто, додека во балансерот пишува дури 31,54 отсто. Тоа значи дека според ваквата пресметка во државните институции ќе треба да се зголеми бројот на вработени албанци за 7,24%. Кај останатите заедници разликата е максимум половина процентен поен.
Министерот за информатичко општество и администрација, Адмирим Алити, е дециден дека не се работи за поинаква пресметка. За Сител објаснува дека во балансерот се користи истата методологија од 2016 година, само промена има во инпутот на податоците, кои до сега се земале од пописот од 2002-та, а сега се од ланскиот попис и како основа се зема вкупното население, а не само резидентното. Министерот Алити вели дека граѓаните кои не се изјасниле за својата етничка припадност во пописот, а кои претставуваат околу 6% од вкупното население, се пропорционално распределени и додадени во графите на сите етникуми во балансерот и затоа се јавува разлика и несовпаѓање со бројките од пописот.
Сепак, министерот Алити не ја отфрла можноста за техничка грешка и за утре најави детално образложение за случајов откако претходно сè ќе проверат повторно.
Сител побара одговор и од Владата но, оттаму се оградија дека ова прашање е исклучиво под надлежност на Министерството за администрација.
Законот за вработени во јавниот сектор определува вработувањата во институциите да се вршат согласно балансерот, кој овозможува правична застапеност на сите етникуми според резултатите од последниот попис. За институциите на централната власт како основ за распределба на бројот на вработувања се земаат податоците од територијата на целата држава, додека кај институциите формирани од локална власт вработувањата се распределуваат согласно застапеноста на етникумите во конкретната општина.
-
Мирјана Јовеска
Сите содржини од овој новинар