Македонија
13. March 2025 - 21:06

Нови меѓусебни реакции на релација Софија - Скопје

По изјавите на евроамабасадорот Рокас дека има засилена дипломатска активност за деблокада на македонските евроинтеграции, нов студен туш од официјална Софија. Бугарската влада вчера донела одлука да го прекине проектот за модернизација на пругата кон Македонија. 

Претходно токму Бугарија правеше притисок Македонија да ја забрза изградбата на делницата од наша страна, а предложи дури и решение за пробивање на скапиот тунел кај Деве Баир. Официјалната причина за прекин на модернизацијата е немањето пари, но познавачите велат дека зад одлуката можни се и политички причини.

За да нема тактизирање околу проектот, кој всушност е дел од меѓународниот проект за Коридор 8, поранешниот амбасадор во Софија Ѓорчев предлага Брисел да го земе прокетот во свои раце.

Ѓорчев анализира и дека оптимистичната изјава на Рокас има смисла бидејќи во новите европски околности Брисел се повеќе сфаќа дека билатерални прашања прават проблеми.

Македонскотата и бугарската страна веќе два дена имаат јавни реакции за изјавите околу меѓусебните односи. Мицкоски вчера повика Софија да ги почитува одлуките на Судот во Стразбур за македонските здруженија во Бугарија. Бугарското МНР пак, ја оцени изјавата како мешање во нејзините внатрешните работи. На ова пак, денеска повторно возврати премиерот.

Во сличен дух и македонското МНР изрази жалење за, како што посочи, повторните обиди на Бугарија за префрлање на одговорноста врз нашата држава од неисполнувањето на нејзините меѓународни обврски.