Македонија
19. јуни 2018 - 16:48

Нови критериуми за утврдување на квотите за аптеките

Воспоставување на критериуми за одредување на квоти и нов начин на исплата од Фондот кон аптеките се мерките што ги планираат здравствените власти за пациентите да имаат лекови на рецепт и после 15-ти во месецот. Министерот за здравство во изјава за Сител вели дека прават анализа на терен со проверка на сите аптеки, за решението што ќе го донесат да биде во интерес и на фармацевтите и на осигурениците.

-Планираме нов механизам на исплата на аптеките од Фондот и наместо досегашниот начин на исплата по рецепт кога аптеките гледаа да имаат што повеќе рецепти од поевтините лекови, да го смениме тој начин и тоа врз основа на просек од остварена квота во тековниот месец, вели Венко Филипче, министер за здравство.

Пациентите постојано реагираат дека ако се раболат на 15-ти или 20 ти во месецот, џабе одат во аптека кога нема лекови на рецепт. Според Филипче проблемот е во неколкугодишниот систем на исплата и утврдување на квоти, кој според него се покажал дека не функционира добро бидејќи аптеките остануваат без квота.

-Нема критериуми, тоа е проблемот што го кажувам, имате аптеки кои имаат огромни суми, други имаат мали суми, и тука е проблемот за каде и бараме решение, вели Филипче.

Најпогодени се астматичарите кои неопходните спрејови не можат да ги најдат на рецепт и после 5-ти во месецот.

 Освен пациентите за овој проблем реагираа и фармацевтите кои покрај промена на формулата за добивање на пари од Фондот, побараа лековите поскапи од 2000 денари да бидат изземени од квотите.