Демонстрациите се одржуваат во момент кога вработените во железницата и париското метро навлегуваат во 36-от ден од штрајкот, кога денеска две третини од машиновозачите се во штрајк.
Синдикатите ЦЖТ и ФО продолжуваат да повикуваат на едноставно повлекување на реформата за пензискиот систем, додека ЦФДТ го поддржува принципот на систем со поени, но го оспоруваат принципот на старосен стожер за заминување во пензија.
Денешниот ден на мобилизација доведе до штрајк во образованието каде 18,18 отсто од наставниот кадар е во штрајк во основните училишта и 16,49 отсто во средните училишта. Но, според синдикатите штрајкот е следен од околу 40 до 50 отсто од вработените.
Во Париз само што тргна поворката од плоштадот на Републиката, а во повеќе француски градови протестите се одржаа уште изутринава. Така во Тулуз имало околу 20.000 учесници, слична бројка и во Марсеј, а веќе се демонстрира во Шартр, Перигор, Тур, Руан, Перпињан, Нанси итн.
Од изутринава околу 400 демонстранти го филтрираат пристапот до нуклеарната централа во Гравелин, на северниот брег на Франција синдикатот ЦЖТ тврди дека производството на струја се намали од вчера вечер, на помалку од 1400 мегавати наспроти нормалните 5600 мегавати. Поради тоа ќе треба да се купува струја од странство.
На некои места синдикатите извршија и „диви“ прекинување на снабдувањето со електрична енергија.
На 5 декември на првиот ден од демонстрациите имаше 806.000 учесници, преброја Министерството за внатрешни работи, додека синдикатите сметаат дека биле 1,8 милиони.