Македонија
26. August 2024 - 21:17

Новата учебна година ќе почне со протести

Новата учебна година ќе почне со протести. Независниот синдикат за образование и наука едногласно донел одлука за серија протести поради, како што велат, непочитување на колективните договори и законот за минимална плата. Протестите ќе започнуваат откако ќе завршат часовите, што значи учениците нема да губат настава.

Првиот протест кој ќе го започнеме ќе биде на втори септември во Битола. После работното време ќе биде тоа. Ќе се соберат просветните работници и ќе го искажат незадоволството. Приоритет е почитување на колективните договори, односно множење на минималната плата со коефициент. Тоа не се почитува веќе десет години. Почетната плата на просветните работници треба да се зголеми за 40%“ - Томислав Гиевски, претседател на Независниот синдикат за образование и наука

Откако министерката за образование неколкупати кажа дека годинава ќе нема покачување на платите, поради лошата состојба на буџетот кој новата власт го наследила од претходната, Гиевски вели ако има докази дека се украдени пари, тогаш министерството нека ни ги даде и синдикатот ќе покрене кривична постапка. Поддршката од опозицијата за него не е изненадување, ама вели истите кога беа на власт не соработувавме добро.

Ние како независен синдикат за образование и наука стоиме на располагање да ни бидат доставени сите докази дека се украдени пари. Ние, преку нашиот правен тим, сме подготвени да покренеме кривични постапки за сите што се огрешиле, односно ја злоупотребиле функцијата за да го оштетат буџетот. За да не бидат ставени политичарите во функција дека има политички прогрон, еве јавно кажувам дека се нафаќаме да ја истераме оваа работа. По однос на коментарите на опозицијата, навикнати сме ние дека секогаш опозицијата ќе поддржува и дава предлози, но за жал, немавме некоја многу добра комуникација додека истите тие што сега се во опозиција беа на власт“ - Томислав Гиевски, претседател на Независниот синдикат за образование и наука

Премиерот, пак, иако е подготвен сите барања на синдикатите да ги договора на маса, повика пораките кои ги испорачуваат да немаат политичка позадина. За Филипче ваквите изјави се навредливи.

Јас сум научен работник, јас предавам на универзитетот и апсолутно сочувствувам. Мојата сопруга е професорка во средно училиште. Но, мораме да разбереме дека не смееме да дозволиме во синдикалните организирања политизација. Секоја изјава на дел од раководствата во синдикалните организации е координирана со денешната опозиција“ – Христијан Мицкоски, премиер

Изјавата на премиерот во која ја политизира работата на синдикатите и сака да ги доведе во врска со делувањето на, не само СДСМ, или со која било политичка партија претставува навреда и понижување, не само за синдикатите, туку и за сите работници“ – Венко Филипче, претседател на СДСМ

Опозицијата тврди дека има пари, а тие изминатите 7 години платите во образованието ги зголемиле за над 55 проценти.