Македонија
30. July 2018 - 16:30

Нова спортска сала за училиштето во село Черкези

Премиерот на Република Македонија, Зоран Заев заедно со други членови на Владата денеска означи почеток на изградбата на спортска сала за ООУ „Јероним Де Рада“ во кумановското село Черкези.

Салата ќе биде со површина од 650 метри квадратни, а ќе овозможи на околу 520 ученици да посетуваат часови за спортување и физичка активност.

Како што посочи премиерот Заев, со оваа спортска сала ќе се овозможат услови за да бидат откриени спортски таленти на децата од овој крај.

- Владата на Република Македонија е силно определена да ги поддржи проектите што се од интерес на граѓаните и значат подобрување на квалитетот на живот и од тие причини продолжуваме со изградбата на спортски сали во училиштата во Македонија. Училиштата ни се од исклучителна важност во намерата да инвестираме со сите расположливи ресурси и капацитети и развојот на спортската инфраструктура и условите за спортувањето како начин и стил на живот во Република Македонија.

Според премиерот, спортските навики, дисциплината, тимската работа, почитта, лидерство и солидарноста се работи кои треба да се развијат кај младите и од тие причини ќе се создаваат услови за зголемен број на часови  за спортски активности во основните и средни училишта.

Оваа сала е дел од проектот на Владата и Министерството за образование и наука на Република Македонија за изградба на 145 спортски сали.

- Ова што денес го најавив за реконструкција на училиштата во учебната 2018/2019, како и оваа спортска сала која наскоро ќе биде во служба за спортските активности за учениците на „Јероним Де Рада“ е само мал дел од плановите за регулирање и подобрување на образовниот систем на Република Македонија. – посочи министерот за образование и наука Арбр Адеми.

Спортската сала се очекува да биде готова пред почетокот на второто полугодие од учебната 2018-2019 година, и ќе претставува прв спортски објект во селото Черкези по цели 50 години.