Македонија
2. December 2015 - 13:58

Нова спортска сала во Прилеп, најавени уште три

Државното средно училиште „Кузман Јосифовски Питу“ во Прилеп денеска доби нова сала, инвестиција на Владата вредна 24 милиони денари, во рамки на проектот за изградба на 145 училишни спортски сали, во кое настава посетуваат 500 ученици.

Објектот го предаде во употреба премиерот Никола Груевски кој подвлече дека образованието и спортот во изминатите години се меѓу најголемите приоритети на Владата.

- Поттикнувањето и негувањето на спортскиот дух кај младите сметаме дека е исклучително важен чекор во воспитувањето на нашите деца. Преку спортот се чува здравјето, се развива чувството за тимска работа, за почитување на противникот, за истрајност и упорност да се достигне посакуваното. Сепак, за да ја негуваме спортската традиција нужно е да имаме спортски сали, игралишта и терени на кои нашите млади ќе може да се запознаат со спортот. За таа цел Владата изминативе неколку години започна со реализација на повеќе капитални инвестиции чија цел е да се надополни сето она што не било направено од сите претходни влади, односно да изградиме спортски игралишта и сали во секое место во Македонија каде недостигале и има услови да се изградат, рече премиерот Груевски.

Тој подвлече дека во рамки на големиот спортски проект за изградба на 145 училишни спортски сали ова е третата сала која ја пуштаат во употреба во Прилеп.

Четврта сала е во фаза на градба за потребите на ОУ „Добре Јованоски“, а во наредните години во план за градба се уште три други сали.

Меѓу инвестициите во спортот во Прилеп тој потсети дека се изградени две фудбалски игралишта, едно тениско игралиште, како и повеќенаменско спортско игралиште, а се планира изградба на уште едно тениско игралиште во училиштето „Мирче Ацев“ и уште едно повеќенаменско спортско игралиште во Канатларци.

- Сето ова јасно говори дека инвестициите на Владата за спортската инфраструктура во Прилеп се навистина богати. Покрај спортските терени, постојано инвестираме и во поголем број училишта на територијата на Прилеп. Така, само во изминатите години на територијата на оваа општина во сите основни и средни училишта преку разни санации и реконструкции се инвестирани над 10 милиони евра. Најголем дел од овие средства се од Владата и од локалната самоуправа, подвлече премиерот Груевски.

Меѓу позначајните проекти тој ги издвои изградбата на монтажните училишта во Чепигово, во Галичани, во Беровци, како и реконструкциите и санациите во уште четири општински училишта. Посебно го издвои проектот за поставување систем за греење во ОУ „Кире Гаврилоски Јане“, кој се реализираше оваа година со што ова училиште првпат доби ваков тип греење.

Инаку, премиерот Груевски денеска и официјално го предаде во употреба училиштето во село Беровце „Круме Волнароски“ за чија изградба Владата издвои 2,6 милиони денари, а во кое настава посетуваат над 30 ученици.

Заменик-министерот за образование и наука Спиро Ристовски истакна дека новата современа спортска сала во СОУ „Кузман Јосифовски Питу“ ќе ја користат учениците, но и жителите од овој дел на општина Прилеп во кој недостигаше ваков спортски објект, а кој се остварува согласно изборните ветувања.

- Ова е 49-та спортска училишна сала што ја предаваме во употреба во рамки на проектот за изградба на 145 училишни спортски сали и е уште еден пример за успешните инфраструктурни инвестиции во образованието, подвлече Ристовски.

Градоначалникот на Општина Прилеп Марјан Ристески нагласи дека оваа спортска сала која денеска се пушта во употреба ќе овозможи развој на спортот и спортските активности и ќе придонесе за подобрување на условите за изведување на наставата на учениците од ова училиште.

Спортската сала се протега на површина од 650 метри квадратни. Целосно е опремена со спортски реквизити и ќе овозможи тренирање кошарка, ракомет, мал фудбал, одбојка и гимнастика. Располага со туш кабини и засебен простор за наставниците.

Претходно премиерот Груевски во рамки на денешната посета на општина Прилеп присуствуваше на пуштање во употреба на нов фудбалски терен направен во соработка со Општина Прилеп и Фудбалската федерација на Македонија, вредна 300.000 евра. Фудбалското игралиште располага со нов терен со вештачка трева и нова пропратна опрема и е наменета за потребите на Спортската академија.