Нова премиера: Битолскиот театар по 3 месеци повторно ги отвора вратите
После стивнувањето на состојбата со ковид пандемијата во Битола, Битолскиот театар вечерва повторно ги отвора вратите. Овојпат со најновиот проект наречен „Молитива по Достоевски“ кој е инспириран од двајца великани, писателот Фјодор Михајлович Достоевски и поетот, музичар, кант-автор Владимир Семјонович Висоцки. Директорот на театарот вели дека ова е премиера со сопствени средства која ќе се одржи според протоколите и со ограничен број на публика. Последната премиера со публика ја имаа на 19 февруари, кога почна нагло зголемување на заболените од Ковид-19.
- Публиката никогаш не беше под знак прашалник, имаше јасно наведени протоколи по однос на тоа, најголем беше сценскиот и задсценскиот простор, за жал заради промените во Министерството за култура, го изгубивме периодот на летото минатата година, бидејќи задоцнија со протоколите. Овој период се надеваме дека се повеќе ќе ги отвораме вратите и конечно да ги одлепиме лепенките од седиштата за забрането седење, вели Иван Јерчиќ, директор на НТБ.
Дел од музичко –драмскиот перформансот се познатата група Фолтин и актерите Огнен Дранговски и Катерина Аневска Дранговска сето тоа катализирано од сценографот Валентин Светозарев.
-Ја тргнавме работата како музички перформанс, на која воглавно исполнувавме песни од Висоцки и анализирајќи ги стиховите откривме дека се многу блиски по она што Достоевски го пишува, вели Валентин Светозарев, сценограф.
-На некој начин може да се поврзат со некоја автобиографија, кога сме го читале, работеле, кои сцени останале неизиграни, недоискажани, можеби недоискажани, недобро исрежирани, сега можевме да го направиме по наше. Ние сме вклучени и во музичкиот дел од претставата, сите тие делови се споени, вели Огнен Дранговски, актер.
Најновата премиера се вклопува во одбележувањето на 200 години од раѓањето на Достоевски, а токму битолскиот театар неколку пати ги имал делата на овој гениј на сцената.
-
Маја Богоевска
Сите содржини од овој новинар
