Македонија
7. August 2015 - 16:56

Нова најсовремена, најквалитетна и најсофистицирана Клиничка болница ќе се гради во Штип

Модерното здравство почнува од Источна Македонија. Клиничката болница во Штип ќе биде најсовремен и најквалитетен здравствен објект кој ќе постави нови стандарди во регионот. Со инвестицијата вредна 30 милиони евра, жителите од овој регион ќе добијат здравствена установа каде на едно место ќе ги имаат сите услуги. Ќе има модерни соби со климатизација и автоматско палење на светилките, а крвтта наместо медицински лица ќе се транспортира преку туби.

- Објектот ќе има сопствен резервоар за вода кој може да обезбеди автономија од два дена на цела болница, како и сопствен агрегат кој обезбедува и автономија во случај на прекин на електрична енергија. Просторно - функционалниот модел на објектот се состои од две целини - првата ја сочинуваат три катни висини, каде ќе бидат организирани сите болнички одделенија, а втората се состои од четири нивоа: подрум, ниско приземје, приземје и први кат. Во подрумските простории се сместени сите технички и сервиски одделенија, како и одделот за патологија и судска медицина. Во ниското приземје ќе бидат сместени ургентниот центар, радиолошко-дијагностичкиот оддел, централните гардероби, лабораторијата, болничката аптека и стерилизацијата, а во приземјето и пониските нивоа ќе има 17 амбуланти дополнети со специјализирани простории за прегледи и третман, како и дневните болници, изјави Никола Тодоров министер за здравство.

Покрај третманот на пациентите новата болница ќе овозможи и современи услови за работа на здравствените работници. Сега лекуваат во згради стари 80 години со амортизирана и дотраена инфраструктура.

-Реализацијата на овој проект ќе значи изградба на болница со карактеристики и функционалност какви што до сега не е изградена во Македонија. Изградбата на оваа болница ќе постави стандард кој ќе треба да се достигне не само во Македонија, туку и пошироко во регионот, изјави министерот Тодоров

Изградбата на болницата ќе почне во октомври и треба да биде завршена за две години. Вчера од страна на Банката на Советот на Европа во официјалниот гласник на Европската Унија беше објавен тендерот за градба. Крајниот резултат ќе биде грандиозен објект на површина од 34 000 м2 со 17 амбуланти на 8 нивоа.