Македонија
26. November 2021 - 16:38

Нова анализа за нови мерки за заштита

Пинг понг со мерките за невакцинираните. Владата вчера не ги прифати предлозите на Комисијата за заразни болести и побара дообјаснување кој ќе биде ефектот од нивната примена. Кој ќе ги прави дополнителните анализи и компаративни студии што ги наложија од Илинденска, побаравме одговор од првиот човек на советодавното тело на Филипче. Но Жарко Караџовски остана недостапен а во негово име одговор добивме од Министерството за здравство дека на следната владина седница ќе ги презентираат анализите. И додека надлежните си ја префрлаат топката, експертите велат дека Комисијата многу порано требало да мисли на превентивни мерки а сега се враќаат чекор назад.

-Дури и се согласувам со одлуката на Владата бидејќи овие мерки треба да бидат добро објаснети. Но со тоа враќање чекор назад се губи време за да се ублажи бранот во кој веќе сме влезени, вели др. Злате Мехмедовиќ, докторант по јавно здравје.

 Откако Комисијата предложи задолжителен сертификат со најмалку една доза или ПЦР не постар од 72 часа на сопствен трошок за вработените во државната администрација, надлежните одлучија да избројат колку вакцинирани има во јавните претпријатија и локалната самоуправа.

- Во одредени институции веќе е почнат скринингот на вработените за тоа колку од нив се вакцинирани. Увидот има за цел да го утврди точниот број и опфат на вакцинирани по што ќе бидат утврдени спецификите на целните групи кои се уште не се вакцинирани за да бидат подготвени соодветни мерки и препораки за да се стимулира нивниот интерес за вакцинација, ни одговорија од Влада.

И додека Владата чека на анализите на Комисијата, бројките покажуваат дека интересот за вакцинација е слаб. Во државата ревакцинирани се 792 000 граѓани а најголем опфат со вакцинација има кај возрасните групи над 70 години а најмал кај оние кои одат на работа.