Нов директор на неврологија во понеделник - Лекарската комора ќе го разгледува случајот со д-р Кузмановски
Министерот за здравство во понедленик ќе назначи нов директор на Клиниката за неврологија откако вчера експресно го разреши професорот Игор Кузмановски, по објавената снимка на социјалните мрежи на која се гледа како меша бела прашкаста материја и коментира за квалитет на кокаин.
Од министерството не одговорија на прашањата што е наведено во решението за разрешување, ниту дали ќе побараат од надлежните органи истрага после објавеното видео.
Лидерот на опозициската СДСМ Венко Филипче побара Лекарската комора да го испита случајот и да ја проверат работата на докторот.
- Сметам дека треба да реагира лекарската комора во однос на тоа да се направи проценка дали и колку време наназад се случувало тоа, односно дали во една таква состојба доктор воопшто може да лекува пациенти. Така да, тоа е многу сериозно прашање, можеби во прашање биле доведени животи на некои негови пациенти доколку бил во некоја таква состава, сега да не прејудицираме, но ова работа заслужува сериозна анализа и проверка од страна на комората, изјави Венко Филипче, претседател на СДСМ.
Од Лекарската комора информираа дека со загриженост ги следат информациите поврзани со д-р Игор Кузмановски.
- Докторската професија има специфична димензија која налага високо етичко и морално -однесување. Лекарот е обврзан во професионалниот и во приватниот живот да ги негува и да ги покажува личните квалитети, соодветни на местото и достоинството на лекарската професија во општеството. Лекарот треба да е свесен дека со секој несоодветен, лекомислен, нечесен и понижувачки акт, покрај тоа што се компромитира самиот ги компромитира и сите други колеги. Конкретниот случај и расположливите информации поврзани со него ќе бидат разгледани од страна на органите и телата на Комора кои ќе постапат согласно надлежностите, велат од Комората.
За случајот се огласија и од Комисијата за здравство на СДСМ. Бараат кривична одговорност и истрага за неговата работа.
- Ако лице што управува со здравствена установа користело дрога, тоа отвора прашање како тоа влијаело врз неговите одлуки како директор, врз здравјето на пациентите, врз безбедноста и функционирањето на системот на клиниката! Сите надлежни институции мора веднаш да го повикаат на распит и да го преиспитаат целото негово работење: сите тендери, одлуки, финансиски трансакции и кадровски именувања во времето кога тој раководел со клиниката, изјави Елена Радеска, Комисија за здравство на СДСМ.
Од ВМРО ДПМНЕ синоќа ја поздравија одлуката за разрешување на директорот на неврологија и посочија институциите да постапат во согласност со законот и утврдените процедури.
- ВМРО-ДПМНЕ ја поддржува одлуката да биде разрешен од функцијата. Немаме сомневање дека јасно и недвосмислено институциите треба да постапат во согласност со законот и утврдените процедури.
Извршувањето на јавна функција носи конкретни обврски и одговорности, се вели во соопштението од владејачката партија.
По објавеното видео кое многу брзо се рашири на социјалните мрежи се огласи и професорот Кузмановски. Во објава на фејсбук напиша:
- Изразувам длабоко каење и се извинувам поради постапката која се има случено далеку пред моето превземање на менаџирање на клиниката за Неврологија. Тоа е постапка со која не се гордеам и сметам дека е момент на моја слабост која не смее да биде пример. Секој човек во животот се соочил со слабости, предизвици и грешки. После ова знам дека оваа грешка нема да се повтори и сум подготвен да живеам со сите мои подеми и падови. Се извинувам на сите кои ги разочарав и ќе продолжам да работам како доктор, она што највеќе го знам, сакам и живеам, да спасувам животи, помагам и работам за доброто на заедницата, пишува во фејсбук објавата.
-

Александар Динев
Сите содржини од овој новинар
