Македонија
27. April 2026 - 16:38

Нов ценовник за горивата: Бензините ќе се точат поскапо, дизелот поевтино

Бензините поскапуваат, дизелот поевтинува. Регулаторната комисија ги донесе новите цени на горивата. Од полноќ, цената на БС-95 и 98 се зголемува за 2 денари и ќе се продаваат по 82,5 и 84,5 денари по литар. Дизелот, пак, поевтинува за два и пол денари и ќе чини 91,5 денари.

Цените се максимални, но поради попустот кој е во сила до четврток, на најголемиот дел од бензинските станици 95-ката ќе се точи за 80,5 денари, 98-октанскиот за 82,5 денари, а дизелот ќе се продава за 88,5 денари по литар. Дали овој попуст ќе продолжи и по први мај, ќе се знае наскоро. 

„За ОКТА ќе разговараме оваа недела. Се уште не сме ја отвориле темата, но ќе разговараме оваа недела, ќе разговараме и со министерската за енергетика и се разбира во рамките на можностите ќе направиме се за да продолжи тој попуст“, изјави премиерот Мицкоски.

Освен попустот од најголемиот добавувач, во сила се и владините мерки за ДДВ од 10% за бензините, како и намалените акцизи за 2 денари на бензините и 4 денари на дизелот. Овие мерки завршуваат на 4 мај, а што ќе се преземе понатаму - Владата ќе одлучува кон крајот на неделава. 

„Како Влада овие два месеци се бориме жилаво и успеавме да не дозволиме, како многу пати во минатото да бидеме на дното, туку напротив да бидеме на врвот, според процентот на мерки од нашиот БДП. Од друга страна да немаме ценовни шокови и инфлации со двоцифрен број проценти, како што тоа впрочем беше во 2022 година, имајќи во предвид дека оваа енергетска криза е поголема од сите три претходни енергетски кризи, таа од 2022 и од седумдесетите години заедно. Мислам дека како Влада која две години жилаво се бори да ги исправи грешките правени со децении успеавме во еден конструктивен, офанзивен пристап да задржиме цена на стабилност “, кажа Мицкоски.

Во четврток, пак, треба да се одржи средба за цената на лебот. Истекува договорот кој го постигнаа владините претставници со мелничко пекарската индустрија за да нема поскапување. Производителите прават напори цената да остане иста.  

Во меѓувреме, од Стопанската комора велат ситуацијата се следи сериозно и разработени се различни сценарија. Ако се јави потреба, ќе се бараат таргетирани мерки.

„И понатаму очекуваме натамошно продлабочување на кризата со разноразни информации кои ги слушаме секојдневно, а коишто можат да ја докомплицираат ситуацијата. Мислам дека имаме капацитет засега во ваква ситуација да гарантираме, односно заедно со Владата да можеме да ги контролираме ситуациите извесен период, а после тоа нормално дека треба да се преземаат акции на повисоко ниво коишто ќе значат опстанок на економијата“, истакна претседателот на Стопанската комора, Бранко Азески. 

Цената на нафтата на светските берзи денеска продолжи да расте, додека мировните преговори се заглавени, а Ормутскиот теснец останува затворен. Цената на барел сурова нафта од типот Брент повторно надмина 108 долари.