Македонија
28. May 2017 - 15:58

ВМРО-ДПМНЕ: Локалните избори да се распишат што поскоро за излез од кризата

ВМРО-ДПМНЕ денеска преку соопштение повторно повика локалните избори да се распишат што поскоро, а заедно со нив да се одржат и нови предвремени парламентарни избори како излез од кризата во која, како што наведуваат, СДС ја втурна државата.

- Помина еден месец од незаконскиот обид пратеникот Талат Џафери да биде избран за претседател на Собранието на Република Македонија. Помина еден месец од флагрантното кршење на Деловникот, законите и Уставот од страна на СДС и нивните партнери. Кому и зошто му се брзаше да го скрати правото на дискусија на пратениците, едно од најсветите права, и да го прекрши Деловникот заобиколувајќи го изборот на членови на Комисијата за избори и именување, се наведува во соопштението.

Од партијата прашуваат дали свесно се одело на провокација и инциденти, кога целата јавност, како што велат, гледа дека веќе еден месец собраниското мнозинство не покажува никаква намера за Собранието да почне да работи.

- Поминаа петнесет дена откако ВМРО-ДПМНЕ побара собраниското мнозинство да создаде услови да се деблокира работата на локалната самоуправа и да се распишат локалните избори. Поминаа две недели откако партиите се согласија локалните избори да се одржат на 15 октомври. Во сето ова време, ниту се одблокираше Собранието, ниту прават чекори за закажување на локалните избори, се додава во соопштението.

Од ВМРО-ДПМНЕ потсетуваат дека како партија понудија три термини и излегоа со став што поскоро да се одржат локалните избори, во корист на граѓаните, со цел многу порано да добијат локална самоуправа која ќе се посвети на реализација на проектите и подобрување на условите во средините во кои живеат.

- За жал, целиот овој период парламентарното мнозинство се однесува неодговорно и не покажува никаков интерес за деблокирање на процесите во државата. Ваквото недговорно и деструктивно однесување на СДС граѓаните го гледаа и кога СДС беше во опозиција и сега кога СДС го има мнозинството за составување на идната влада, се истакнува во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.