Промоција на книгата „Школувањето на прогонетите деца од Егејска Македонија“
Книгата „Школувањето на прогонетите деца од Егејска Македонија“ од новинарот и публицист Иван Глигоровски денеска ќе биде промовирана во Музејот на македонската борба за државност и самостојност.
Монографијата содржи околу 450 страници и 170 фотографии. Опфатени се автентични сеќавања и искажувања на триесетина ученици, мајки и учители, кои привремено престојувале во источноевропските земји и ФНР Југославија по настаните и прогонот од нивните родни огништа од егејскиот дел на Македонија за време на Граѓанската војна во Грција (1946 – 1948).
Илјадници деца од овој дел на етничка Македонија своето образование на мајчин македонски јазик, кој бил забранет за употреба во родните места од страна на грчките власти, го стекнуваат во ФНР Југославија (Србија, Хрватска, Словенија, Македонија), Романија, Унгарија, Чехословачка, Полска и СССР.
Промоцијата на книгата е во организација на Музејот на македонската борба за државност и самостојност и издавачката куќа „Аз–буки“ од Скопје. На промоцијата предвидено е да се обратат проф. д-р Елка Јачева – Улчар од Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ во Скопје, публицистот Ставре Џиков и д-р Лазо Фотев, уредник на издавачката куќа „Аз–буки“ од Скопје.
Со свои музички рефрени со мотиви од егејскиот дел на Македонија ќе се претстават учениците од МБУЦ „Илија Николовски – Луј“ од Скопје.
Монографија „Школувањето на прогонетите деца од Егејска Македонија“ е 11 авторско дело на Иван Глигоровски. За монографиите „Првите учители на македонски јазик 1943 – 1948“ и „Народниот учител – гордост на повоеното македонско школство“ во текот на 2007 и 2008 година тој ги доби наградите „Мито Хаџи Василев – Јасмин“ (за публицистика) и „13 Ноември“ (за образование и просвета).
Глигоровски е добитник и на бројни признанијата и награди за своето телевизиско новинарство за време на работата во документарната и образовната програма во Македонската телевизија.
Ново на Сител
-
Апелациониот суд Скопје ќе одржи јавна седница за случајот „Ласкарци“
-
Во Србија почнуваат консултациите за формирање нова влада
-
Продолжува периодот на облачно време со повремен дожд
-
Нема опасност за населението од излевањето на Маркова река, уверуваат локалните власти
-
Путин се сретна со Додик во Москва
-
Предлог-измените на Законот за субвенциониран студентски оброк поминаа на собраниската Комисија за финансирање и буџет
-
Додик: Ниту побарав, ниту добив руско државјанство
-
Средба на претседателката Сиљановска-Давкова со учесниците на програмата „Конекција Оксфорд“