Македонија
13. April 2017 - 17:35

Пуштени во употреба „Мостот на демократијата“ и нова улица во Гостивар

Новиот мост кој се изгради во Гостивар и улицата „101“ денеска беа пуштени во употреба на пригодна свеченост на која присустваа повеќе граѓани и претставници на локалната самоуправа.

Новиот мост и улицата беа претставени како сообраќајно решение и поврзување на улиците „ЈНА“ и „Живко Брајковски“ и две населби на бреговите на Вардар. Со него се растоваруваат градските улици, а обезбедува и побрз проток на возила, со што ќе се избегнат честите застои низ центарот.

Гостиварскиот градоначалник Невзат Бејта искажа задоволство од завршетокот на работите на еден од најкрупните инфраструктрни зафати во општина Гостивар што започна минатата година.

- Од сите проекти што ги имаме реализирано најзначаен проект е мостот и отворањето на новата улица. Овој проект на кој нашите сограѓани чекааа со  со децении, сега стана реалност. Ме радува што успеавме да ги завршиме и мостот и улицата кои во иднина ќе им бидат голема корист. Со оваа улица се поврзуваат најважните институции на нашата општина и училиштата, рече Бејта.

Изградбата на „Мостот на демократијата“ почна лани во мај, кога со поставување камен-темелник беше означен почетокот на работите. Со него сообраќајно ќе се поврзе западниот дел од градот со населбата Дутлок, селата Горна и Долна Бањица и населените места кои се на другиот брег од Вардар.

Мостот е долг 42 метри и широк 20 метри. На него има четири коловозни ленти, велосипедски патеки и тротоари. Проектираната вредност на мостот е 23,6 милиони денари (околу 380 илјади евра). Финансиската поддршка е обезбедена преку меѓународна соработка со Фондот за развој на инфраструктурата на општините со седиште во Луксембург.