Бизнис
7. April 2017 - 19:47

Југохромци бараат средба со Али Ахмети

Синдикатот на Југохром  бара итна средба со лидерот на ДУИ Али Ахмети. На состанокот ќе се дискутира за алтернативни можности како комбинатот повторно да почне со работа. Ако фабриката добие дозвола за производство, сопственикот од следната недела ќе продолжи со инвестицијата во филтер системот.  Околу 70 отсто ќе биде завршен до крајот на годината, а целосно ќе биде готов до март следната година.

Компанијата би работела се додека загадувањето е во дозволени граници, односно пред доаѓањето на зимата кога загадувањето е зголемено од повеќе причини.

Претходно од комбинатот побараа повторна средба и со премиерот. Но засега нема одговор од кабинетот на Димитриев.

Агонијата на вработените од Југохром почна во ноември лани. Комбинатот беше затворен поради пробивањето на рокот за поставување на филтрите за отпрашување. Вработените и покрај тоа што не одеа на работа добиваа редовни месечни примања , се додека менаџментот објави дека нема повеќе пари за плати. Отпуштени беа најголем дел од работниците. На работа останаа околу 100 лица неопходни за одржување.

Вработените во повеќе наврати изјавија дека одлуката за забраната за работа на комбинатот има политичка позадина. Ја обвинија градоначалничката на Тетово и невладината Еко герила.