Иванов-Нишани: Потребна е воздржаност и нормализирање на билатералните односи

Претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов, денеска во Баку, Азербејџан, оствари билатерална средба со претседателот на Република Албанија, Бујар Нишани.
Како што соопшти кабинетот на Иванов, двајцата претседатели на средбата разговарале за односите меѓу двете земји во контекст на актуелната политичка состојба во Република Македонија, како и во контекст на состојбите и предизвиците во регионот.
Иванов во разговорот со Нишани, го реафирмирал ставот дека начинот на кој се донесе пост-изборната платформа на партиите од албанскиот политички блок и изјавите кои следеа од страна на високи функционери на Република Албанија претставуваат мешање во внатрешните работи на Република Македонија.
- Ваквото мешање во внатрешните работи на Република Македонија е поттик за реализирање на големо националистички идеи, тензии и претставува негативен пример не само на Балканот, туку и пошироко. Потребно е намалување на тензиите во регионот и внимателна реторика, порачал на средбата претседателот Иванов.
Македонскиот претседател посочил дека Република Албанија е пријател и ќе остане пријател на Република Македонија и за таа цел потребни се натамошни конкретни заемни чекори за нормализирање и унапредување на билатералните односи.
- Македонското национално малцинство во Република Албанија и албанската етничка заедница во Република Македонија треба да бидат фактори на зближување и збогатување на соработката, а не извор на тензичност, истакнал на средбата претседателот Иванов. Во таа насока, македонскиот претседател изразил уверување дека само со дијалог можат да се бараат решенија и да се надминуваат разликите за одредени прашања.
Двајцата претседатели се согласиле дека е неопходна воздржаност, преземање на взаемни чекори за зголемување на меѓусебната доверба и фокусирање на заедничките приоритети, кои подразбираат добрососедски односи, унапредување на регионалната соработка и фокусирање на проекти што ќе го унапредат и подобрат животот на граѓаните на двете земји.
Средбата на двајцата претседатели беше реализирана на маргините на 5. Глобален Баку форум на тема „Иднината на меѓународните односи:моќ и интереси“, на кој учествува претседателот Иванов.
Ново на Сител
-

На состанок на Комисијата за еднакви можности на жените и мажите, утврдена потребата за формирање работна група за измени на Законот за еднакви можности
-

Предложен притвор за дилер на хероин
-

Реал на врвот на ранг-листата на клубови со највисоки приходи трета година по ред
-

Филипче вели дека не поднесува оставка, целта му е општеството да заздрави
-

Нова железничка несреќа во Шпанија: воз се судри со кран, лесно повредени неколку лица
-

Жител на Идризово обвинет дека со закани барал пари од поранешен партнер на неговата ќерка
-

МЗ: Новиот предлог-закон за заштита од пушење предвидува забрана за рекламирање, промоции - приоритет е заштитата на децата
-

Официјално: Четири македонски спортисти на ЗОИ 2026
