Македонија
1. March 2017 - 12:44

Во Штип ќе се гради мост на Брегалница и обиколница

Општина Штип ќе го реализира капиталниот проект за оваа година, изградба на мост на река Брегалница и обиколница кон индустрискиот дел на градот. 

Портпаролот на општина Штип, Драган Ристов денеска информираше дека тендерската постапка за проектот завршува на 9-ти месецов.

- Мостот и пристапните сообраќајници ќе поврзат два дела на градот, индустрискиот и долниот дел на населбата „Сењак“, со што ќе се овозможи олеснување на сообраќајот и еден вид помала обиколница на дел од периферијата на градот. Ваквото решение се наметна само посебе заради преоптевареност на самата сообраќајница, булеварот „Гоце Делчев“ во текот на утринските и попладневните часови, рече Ристов.

Според проектот, мостот на Брегалница ќе биде долг 56 метри, а широк седум метри. Ќе биде поврзан со пристапни сообраќајници од околу 200 метри од двете страни. Новата обиколница ќе излегува кај поранешната фабрика Алумина и кај старото Нервно одделение во Штип. Според проценките, овој проект се очекува да чини околу милион евра , а е предвидено да заврши за шест месеци.