Започна изградбата на нов водовод во Гевгелија
Почна изградбата на нов водовод наменет за Гевгелија, Богданци и околните места. Со проектот вреден 1,7 милиони евра ,обезбедени од неколку извори на финансирање, ќе се подобри квалитетот на водата за пиење за над 20 илјади луѓе.
- Станува збор за важен проект кој освен непречено снабдување со чиста вода за пиење на овие места, ќе придонесе и за развој на локалната економија преку создавање можности за отворање земјоделски преработувачки капацитети, индустриски капацитети и нови мали бизниси, но и развој во примарното и секундарното сточарско производство, изјави Кирил Миноски, министер за финансии.
Водоводот се гради со 1,6 милиони евра кои министерството за финансии ги обезбеди од на ИПА фондовите на Европската унија и од Светската банка, како и со 96 илјади евра кои министерството за транспорт ги обезбедило од Европската инвестициона банка.
Веста ја поздрави лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, кој на социјалните мрежи порача дека се реализира уште едно ветување од програмата на партијата.
- Директни корисници на придобивките од новиот водовод ќе бидат околу дваесетина илјади граѓани од општина Гевгелија, Богородица, Моин и од Мрзенци. Исто така, директна корист ќе имаат и дел од жителите на соседната општина Богданци, како и населените места Селемли и Стојаково. И покрај сите политички предизвици, нашиот основен приоритет се граѓаните и тоа така и ќе остане. Ние продолжуваме со работа, со проекти со кои се подобрува секојдневието на граѓаните,напиша Груевски.
Новиот водоснабдителен систем треба да биде готов до ноември.
-
Филип Момировски
Сите содржини од овој новинар