На смрзнатото Дојранско езеро оваа зима има околу 6000 птици од 15 различни видови
На смрзнатото Дојранско езеро оваа зима има околу 6000 птици од 15 различни видови. Ова го покажуваат податоците од зимското пребројување на птиците кое го направи Македонското еколошко друштво. По мониторингот кој беше реализиран на десет точки долж крајбрежјето на езерото било утврдено дека бројот на зимските птици бележи значително намалување. Поларните температури се наведуваат како главна причина за таквата состојба поради која дел од птиците неможејки да обезбедат храна угинале, а еден дел воопшто и не дошле, туку останале во појужните краеви.
- Имајќи во предвид дека Дојранското езеро е замрзнато во периодов и дека избројавме само десетина отвори каде што птиците можат слободно да си пливаат во водата и да се хранат, тоа многу влијае на бројот. Дојранско езеро генерално е многу плодно езеро кога станува збор за птици бидејќи поддржува многу голем број на птици затоа што има многу храна во него за нив ,така да мразот и временските услови си го направија своето, вели Данка Узунова - орнитолог
Од Македонското еколошко друштво велат дека ова не е случај само кај нас. Ваква состојба со намалување на бројот на птиците била регистрирана во целиот регион.
- Се среќава насекаде низ регионот, низ Балканот и низ Југоисточна Европа бидејќи ова е регион каде што птиците во зимно време обично наоѓаат прибежиште од ладните северни делови на Европа, но дури и тука ги затекнаа такви скоро поларни услови, вели Узунова
Зимското пребројување на птиците Македонското еколошко друштво го реализира веќе осум години по ред. Пребројувањето на птиците на Дојранското езеро беше реализирано во соработка со грчки еколози кои во исто време правеле мониторинг и на нивна страна со цел да се избегне двојното броење и добивање различни резултати. Освен на Дојранското, македонското еколошко друштво ваков мониторинг реализираше и на другите езера во државата каде исто така е констатирано намалување на бројот на птиците.
-
Зоран Ѓоргиев
Сите содржини од овој новинар