ФЗО: Во 2016 издаени 22.300.000 рецепти
Македонските граѓани лани најмногу пиеле лекови за притисок, покачен шеќер во крвта и за смирување. Според податоците од Фондот за здравство минатата година зголемена е потрошувачката и достапноста на лековите. Реализирани се околу 22 милиони и 300 илјади рецепти што е за 5 проценти повеќе од 2015. Од фондовската каса потрошени се над 2,5 милијадри денари.
-Ако во 2002 година за лекови се одвојувале 1,2 милијарди денари за осум милиони рецепти, од 1 септември 2016 година ФЗОМ го зголеми буџетот за лекови на 2,55 милијарди, што е двојно повеќе средства за лекови на рецепт на товар на Фондот, изјави Сашо Стефаноски, директор на ФЗОМ.
Од Фондот информираа дека се повеќе се зголемува и бројот на лекови без доплата.
- Ако споредиме со 2009 година кога беше воведен референтниот систем за лекови заради обезбедување лекови по избор на осигурениците и кога само 20 отсто од овие лекови беа без доплата, во 2016 година имаме речиси четири пати поголем број лекови на рецепт кои се по избор на осигурениците и се без доплата или околу 75 отсто од вкупниот број лекови, што покажува дека Фондот успеал да овозможи и заштеда на личните средства на осигурениците, изјави Сашо Стефаноски, директор на ФЗОМ.
Најголема потрошувачка на лекови минатата година имало во скопскиот регион, а најмалку во североисточна Македонија.
-

Александра Десподовска
Сите содржини од овој новинар
