Угриноски: Над илјада маски на Вевчанскиот карневал
Градоначалникот на општина Вевчани, Цветомир Угриноски ги покани сите добронамерници да го посетат Вевчанскиот карневал, нагласувајќи дека патиштата и улиците се чисти, а и временските услови им се наклонети.
Тој рече дека очекуваат над 1.000 маски на карневалот, а до дефилето не се открива кој како ќе биде маскиран. Во однос на маските и пораките што ги испраќаат, градоначалникот истакна дека општината не може да влијае во изборот и оти тоа го прават Василичарските друштва.
- Имаме две друштва Горна и Долна Маала, кои имаат свое раководство и претседател. Маските ги држат во тајност до дефилето. Ние го организираме културно-забавниот дел. Како локална самоуправа немаме ништо со изборот на маските, рече Угриноски.
Главните актери на карневалот, Василичарите се очекува околу 14 часот и 30 минути да продефилираат низ вевчанските улици.
- Дефилето ќе тргне од влезот на Вевчани кога двете групи Горна и Долна Маала ќе ги претстават маските и ќе трае околу 2 часа. Во 16 часот сите одат на ручек, кај пријатели или во Вевчанските ресторани. Сите ресторани и кафулиња работат и може да се забавуваат. Во 21 часот почнува музичкиот дел, а оваа вечер е посветена на македонската народна музика. Прв ќе настапи Јордан Митев, потоа Анета Наковска, а завршуваме со вевчанецот Ефто Пупиновски и со него ќе ја дочекаме новата година. На полноќ ќе имаме пет минутен огномет кога ќе ја дочекаме и православната Нова година, потсети Угриноски.
Традиционално, додаде, околу 2 часот и 30 минути невестите од двете маала заедно со гостите одат на Вевчанските извори да наполнат вода со која се прави вевчанскиот кашаник (зелник) во кој се става паричката. Кај оној што ќе се падне паричката ќе биде среќен и бериќетен во текот на целата година.
- Православната Нова година ќе ја дочекаме со вевчански кашаник, вевчански луканци, греани вино и ракија..., рече Угриноски.
Со оглед на досегашните ниски температури, тој забележа дека синоќа не било многу студено и оти концертите на ДНК, Нокаут и Фрајле привлекле големо внимание и имало над 10.000 посетители. Покрај од земјава, Вевчанскиот карневал ќе го проследат и гости од Велика Британија, Нигерија, Србија, Бугарија...
Ново на Сител
-
ДС: Само силен синдикат е гарант за работничките права
-
Притвор од 30 дена за жител на Сопиште, пронајдена дрога во неговиот дом
-
Ковачевски: Нека ни е честит 1 Мај, СДСМ секогаш била на страната на работниците
-
Мицкоски: Работничките права се прекршени, државата не води грижа за тие кои се р`бетот на економијата
-
Вучиќ со одговор на Стејт департментот: Еве се дружам и пијам со Додик
-
Поведена истрага против осомничен за трговија со дрога и психотропни супстанции во Скопје
-
Стејт Департмент: Разочарани сме што две санкционирани лица ќе бидат министри во Владата на Србија
-
За влез во Грција се чека по 1 час