Фудбал
9. January 2017 - 9:05

Шампионот ја отвори пролетната сезона

Вардаровите фудбалери денеска во 13 часот на тренинг кампот во Хиподром, со првиот собир и првиот тренинг, и официјално ги стартуваа зимските подготовки. Нашиот тим ќе се подготвува за предизвиците од пролетниот дел од сезоната каде што ќе ја брани шампионската титула во првенството, а ќе брка и пласман во финалето од Купот на Македонија. 
 
Раководството на Вардар им посака многу среќа и здравје на играчите пред почетокот на подготовките. 
 
„Од името на раководството, сакам да им посакам на играчите многу здравје, среќа и многу успеси во оваа година. Да имаат најпрво успешни подготовки, а потоа и успешен втор дел од сезоната. Целите и амбициите се добро познати на Вардар, и се надеваме дека ќе успееме да ги исполниме во оваа година“, изјави директорот на Вардар, Самоил Симев. 
 
Екипата ќе тренира во Скопје до 21 јануари кога е планирано заминување во Анталија, Турција каде што екипата ќе биде до 11 февруари. Последните неколку дена пред почетокот на пролетниот дел ќе ги мине во Скопје. Вториот дел од сезоната почнува на 19 февруари со натпреварот против Шкупи на домашен терен. На првиот собир присуствуваше и новото име во редовите на Вардар, младинскиот репрезентативец Бесир Демири.