Протест на камионџиите на Лезбос поради проблеми со мигрантите

Камионџиите на грчкиот остров Лезбос синоќа одржаа протести со нивните возила низ главниот град на островот Митилена, барајќи решение за илјадници мигранти и бегалци кои се заглавени на островот.
Како што јави дописникот на МИА од Атина, возачите се жалат дека ситуацијата им предизвикува сериозни проблеми, бидејќи мигрантите, по неколку месеци чекање се кријат во нивните камиони за на тој начин да се качат на брод и да заминат од островот.
Во изјава за грчката државна новинска агенција АНА-МПА, портпаролот на камионџиите Аргирис Хаџиаргириу рече дека секојдневно фаќаат голем број мигранти како се кријат во нивните камиони.
- Заглавени на островот по неколку месеци, тие се убедени дека единствениот начин да го напуштат е да си заминат илегално, со криење во нашите камиони. Така тие ја истовараат стоката што е во камионот, за да си направат место, со што ни предизвикуваат материјална штета. Згора на тоа, нас секојдневно не сомничат за шверц на мигранти, бидејќи од нас се бара да докажеме дека тоа не се случува со нашата согласност, рече тој.
Еден од камионџиите, Панајотис Агелис, рече дека бил ставен во притвор за шверц на мигранти, откако тројца мигранти се скриле во стар ладилник кој тој го носел на рециклирање.
- Неколку часа подоцна, тие беа слободни да бараат други начини да избегаат а јас бев уапсен, суден и ослободен. Покрај маката низ која поминав, камионот не ми е вратен со денови и не сум во можност да заработам за живот во овие тешки времиња, изјави Агелис.
Камионџиите велат дека до општината ќе испратат барање за безбедна локација на која ќе ги паркираат своите камиони, која ќе биде обезбедувана од локалните власти. Во спротивно, тие се закануваат дека ќе ги интензивираат нивните активности и ќе престанат да превезуваат стока до и од островот, што ќе има последици врз сите жители, вклучувајќи ги и бегалците и мигрантите.
Ново на Сител
-

Муцунски: Нема да примаме мигранти, ниту одбиени баратели на азил од Обединетото Кралство
-

Поевтинуваат бенизите, цената на дизелот останува иста
-

Викендов на ГП Табановце, влегле над 36.000 македонски државјани
-

Дедо Мраз и супер херои од цртаните филмови им поделија пакетчиња на хоспитализираните на Детската клиника
-

Мицкоски објави инвестиција од 100 милиони евра во енергетиката
-

Авиосообраќајот на скопскиот аеродром се стабилизира, откажани осум лета поради магла
-

Муцунски: Во фокусот внатрешните реформи и достоинствено и соодветно решение со Бугарија
-

Божиновска: Нема да има никаква криза, државата има резерви на мазут
