Бизнис
17. August 2016 - 20:41

Штрајк во МЗТ Леарница

Продолжува штрајкот на вработените во скопската леарница. Неисплатените плати и придонеси се главна причина за прекин на производството и протест пред фабриката велат работниците. Раководството им ги нема платено придонесите за пензиско и здравствено осигурување од септември лани, а платите им биле исплаќани поединечно. Вработените тврдат дека последните три плати ги добиле на рака.

Од раководството велат дека бараат решение. Имало заинтересирани инвеститори што сакале да ја купат фабриката. Засега немаат пари да го покријат долгот кон работниците и кон државата со неплатените придонеси. Сметката им е блокирана и поради долгот што го имаат кон ЕВН.

Од Инспекторатот за труд велат дека досега поднеле 2 прекршочни пријави а следува и кривична пријава за сопственикот доколку не ги исполни обврските кон вработените. Засега единствено што можат да направат работниците е да поднесат тужба,односно да поведат судска постапка, и со правосилна судска пресуда да ги добијат заостанатите плати и да им бидат платени придонесите.

Решение за овој проблем чекаат околу 170 работници.