Кошарка
15. August 2015 - 0:04

Македонија подобра и од Венецуела

Македонската кошаркарска репрезентација ја постигна и четвртата победа во подготовките за Европското првенство. И во четвртиот натпревар на домашен терен Македонија оствари трумф откако попладнево во Гевгелија беше совладана Венецуела со 55:52.

Резултат по четвртини: 08:09; 10:10; 22:13 и 15:20.

Првото полувреме мина во знакот на грешките на двете селекции кои тешко се снаоѓаа на теренот и како резултат на тоа беа и малиот број постигнати поени. Третиот период нашите играчи го добија со девет поени разлика која ја имаа до финишот на дуелот кога на 100 секунди до крајот Венецуела успеа да израми. Во последната минута Марко Симоновски постигна тројка и потоа украде топка за поени на Бојан Трајковски.

Селекторот Марјан Србиновски реши денеска да ги одмори: Војдан Стојановски, Кирил Николовски и Александар Костоски.

Во текот на првиот дел на удар во коленото се пожали Дамјан Стојановски, кој до крајот на дуелот остана на клупата за резреви и во текот на денешниот ден ќе бидат направени лекарски прегледи.

На дуелот со Венецуела првиот натпревар во овие подготовки го одигра Ричард Хендрикс, кој имаше 6 поени и 4 скокови.

Најефикасен во нашиот состав беше Трајковски со 10 поени, а по 9 постигнаа Симоновски и Предраг Самарџиски.

Македонската репрезентација во недела наутро заминува на турнирот во Литванија.