Македонија
10. August 2015 - 17:10

26 август започнуваат Струшките вечери на поезиата

Во присуство на повеќе од 200 светски поети, со традиционалното читање на Константиновата „Т’га за југ“, на 26 август свечено ќе бидат отворени Струшките вечери на поезијата. Најстара светска поетска манифестација, која веќе 54 години го обединува творештвото на сите јазици и ги промовира културните вредности на Македонија. Покрај овогодинешниот лауреат кинескиот поет Беи Дао, дел од Струшките вечери ќе бидат и поетите Адонис, Паола Бозалонго, Михаил Агустин и Марио Болорез. Главен фокус годинава ќе биде мексиканската поезија.

-Фестивалот ќе понуди избор на одлична мешавина од најзначајните и веќе прочуени светски поети и оние кои веќе надоаѓаат на светската поетска сцена. Покрај поетите-учесници, гости на СВП ќе бидат и директори на поетски фестивали и претставници на издавачки асоцијации - од Германија, Канада, Месико, Турција. Со тоа ќе овозможиме рецепција и на македонската поезија во светски рамки, рече Мите Стефоски, директор на СВП.  

Пред почетокот на фестивалот, како новина годинава ќе бидат отворени саем на книгата и недела на поетски документарни филмови посветени на поезијата.  За престижната награда „Браќа Миладиновци“ за најдобра поетска книга на македонски јазик, во потесен избор влегуваат 5-ца домашни автори.

Фестивалот годинава ќе понуди и нови локации за поетски читања со цел фестивалската атмосфера да се почувствува низ цела Македонија. На 27 август во исто време поетски настани ќе се одржат и во Охрид, Битола, Скопје, Велес и Ресен.