Македонија
7. August 2015 - 0:06

Светските медиуми ги пренесоа информациите од акцијата „Ќелија“

За големата антитерористичка акција која ја спроведе утринава МВР за приведеување на лица поврзани со Исламската држава, информираа сите регионални и голем дел од светските медиуми.

Во известувањето, странските медиуми главно се повикуваат на информациите кои што се достапни од македонските медиуми.  “Македонската полиција уапси девет припадници на ИСИЛ, а по 27 други сеуште се трага”, “Mакедонската полиција во голема антитерористичка акција”. Ова се само дел од насловите на странските медиуми кои известуваат за акцијата “Ќелија”,  насочена против лица кои земале учеството во странски војски и регрутирање борци.

Асошиејтед прес пишува дека Исламската Држава е забранета во Македонија, и дека учество во странска војска се казнува со четири години затвор. Фокс њус информира дека освен во Скопје, антитерористичка акција е преземена и во Куманово, Тетово, Гостивар и Струга.

“Акцијата е спроведена рано изутрина, а во истата е уапсен  и имамот на Тутунсуз и Јаја Паша џамијата, Реџеп Мемиши. Уапсени се вкупно девет лица, а по останатите осомничени сеуште се трага. Најголем дел од нив се повратници од Сирија” – стои во текстот на ХРТ.

РТС во текстот под наслов, “Во Македонија се одвива голема акција против Исламската држава”, пишува дека во Скопје полицијата направила претрес на 21 објект, за кој биле добиени информации дека се главните центри во кои се вршело регрутирање на идните борци на ИСИЛ.