Македонија
26. April 2016 - 13:36

Отворен нов Центар за контрола на квалитет на Алкалоид АД Скопје - ПЦ Фармација

Нов Центар за контрола на квалитет на Алкалоид АД Скопје - Профитен центар Фармација денеска е пуштен во употреба. Станува збор за капитална инвестиција вредна над пет милиони евра.

- Центарот за контрола на квалитет на лековите е опремен со високо софистицирана опрема од реномирани светски производители според најстрогите стандарди за добра производна пракса. Во Центарот за контрола на квалитет ќе работат над 100 високо стручни извршители за која квота во моментов има 26 нови вработувања. Седумдесет проценти од вработените се со високо образование, а дел од нив се специјалисти и магистри по науки, рече во обраќањето пред присутните генералниот директор и претседателот на Управниот одбор на Алкалоид АД Скопје, Живко Мукаетов. 

Успешната приказна на компанијата, истакна, полни осум децении се темели на постојани вложувања пред се во производна опрема, кадар, знаење и нови технологии.

Посочи дека со комплетирањето на оваа инвестиција Алкалоид ја потврди својата определба за производство на квалитетни, ценовно достапни, безбедни и ефикасни лекови кои преку нивната мрежа од 16 поддружници и 4 претставништва надвор од Македонија се пласирани на пазарите во над 300 земји од светот.

- Сите над 1.600 вработени во компанијата ќе останат посветени на нашата цврста определба за врвен квалитет и совршенство во секој сегмент од работењето. На прагот од деветтата деценија од основањето на компанијата, во годината на нашиот осумдесет годишен јубилеј би посакал да останеме во победничка форма, да си посакаме уште многу идни успеси на компанијата, додаде Мукаетов.

Директорката на Центарот за контрола на квалитет, Христина Бабуновска рече дека Центарот е технолошко аналитички капацитет, опфаќа површина од околу 3.000 м2 и во него се изведуваат активности кои го покриваат работењето на Профитниот центар Фармација од влез на материјалите за производство до излез на готов фармацевтски производ.

- Се контролираат согласно актуелните стандарди и барања активните компоненти вградени во производите, помошните компоненти, контактната и секундарната амбалажа на лекот. Потоа се следи квалитетот на производот како меѓупроизвод до финален фармацевтски производ вклучувајќи ја и стабилноста на производите до нивниот деклариран рок на траење од хемиско-фармацетвски и микробиолошки аспект, рече Бабуновска.

Посочи дека во просторот се опремени лабораторија за влезни материјали, лабораторија на фармацевтски производ, сектор за аналитички развој, сектор за стабилност на комерцијални серии, микробиологија и оддел за приготвување документација за тековно работење и за регистрациони цели.

Лабораториските простории, нагласи, се опремени со дигестори, безбедносни кабинети, голем број апарати за течна хроматографија, гасни хроматографи, апарати за релативна густина...

- Поголемите просторни можности овозможуваат купување дополнителни нови високо софистицирани аналитички инструменти и тоа: 11 нови течни хроматографи кои веќе се ставени во функција, два гасни хроматографи, два нови апарати за растворливост и останата опрема, кои се очекува да бидат ставени во функција на почетокот на идниот месец, како и комплетно опремување на нова микробиолошка лабораторија за контрола на антибиотици, рече Бабуновска.

Додаде дека за функционирање на објектот обезбедени се соодветни услови за работа, системот на отпадни води е соодветно решен согласно актуелните европски и светски стандарди, а работните услови од аспект на безбедност при работа се на највисоко можно ниво.