Продолжува судењето за случајот „Државна лотарија“, закажано ново рочиште во Кривичниот суд

Во Основниот кривичен суд Скопје денеска треба да продолжи судскиот процес за наводните злоупотреби во АД „Државна лотарија“, во кој еден од обвинетите е и поранешниот вицепремиер Артан Груби.
На претходното рочиште, Судот ја одложи главната расправа со образложение дека на обвинетите и нивните бранители треба да им се овозможи дополнително време за увид во доказниот материјал и подготовка на одбраната.
Судијката Билјана Шуплиновска-Јовевски тогаш посочи дека обвинетите треба да имаат доволно време да се запознаат со доставените докази и да предложат свои докази за натамошниот тек на постапката.
Во предметот обвинението го застапуваат јавните обвинители Даниел Коцев и Александар Давчевски, кои најавија изведување на 231 материјален доказ, вештачења и сослушување на седум сведоци.
Според обвинителниот предлог на Основното јавно обвинителство Скопје, Артан Груби и уште седум лица се товарат дека во текот на 2023 и 2024 година со пречекорување на службените овластувања предизвикале штета на АД „Државна лотарија“ од над 507 милиони денари. На обвинетите им се става на товар кривичното дело злоупотреба на службената положба и овластувањето.
Првообвинетиот, поранешниот директор на „Државна лотарија“ Перпарим Бајрами, и натаму е недостапен за органите на прогонот, додека за Груби Обвинителството бара продолжување на мерката куќен притвор.
МИА
Ново на Сител
-

Од вечерва до недела облачно и студено со врнежи од дожд и снег
-

Британците од идната година ќе можат да купуваат автомобили преку платформата на „Амазон“
-

По пријави од граѓани, Министерството за финансии казни две финансиски друштва и им забрани да одобруваат кредити
-

Во Белград уапсен сопственикот на „Информер“ Драган Вучиќевиќ
-

Реал со пресврт до убедлив триумф над ПСВ Ајндховен
-

Српски државјанин осомничен за криумчарење 5.000 штеки цигари преку ГП „Богородица“
-

„Matto Napoletano“ во трка за најдобра пицерија во светот – еве како да ја поддржите
-

„Панини“ и „Рокстар“ ги здружија силите – љубителите на ГТА VI ќе можат да собираат сликички
