13 годишник загина возејќи електричен тротинет во Куманово - дали е потребна построга регулатива?
13 годишно дете загина возејќи електричен тротинет по судар со автомобил во кумановско. Како што соопшти полицијата несреќата се случила синоќа околу 21 часот на регионалниот пат Куманово-Скопје во селото Черкези.
- На 28.05.2026 околу 21:10 часот во СВР Куманово е пријавено дека на регионалниот пат Куманово-Скопје во с.Черкези, кумановско се случила сообраќајна несреќа помеѓу патничко возило „мерцедес“ со кумановски регистарски ознаки управувано од Ф.С.(24) од Куманово и електричен тротинет управуван од 13-годишен малолетник од с.Черкези. По несреќата малолетникот бил пренесен во Општата болница Куманово каде од страна на лекар констатирана била смрт. Во 21:20 часот во Полициската станица Куманово возачот бил лишен од слобода. Извршен е увид од Јавен обвинител и увидна екипа од СВР Куманово.
Оваа трагедија повторно го отвори прашањето за безбедноста на возачите на електрични тротинети, но и за другите учесници во сообраќајот и пешаците.
Од скопската Брза помош информираат дека речиси и да нема ден да не интервенираат на несреќи во кои учесници се лица кои управуваат тротинети бидејќи не ја почитуваат законската регулатива возат многу брзо и удираат во луѓе, велосипеди или автомобили. Многу често може да се види дека на еден тротинет се возат по двајца.
Инаку по велосипедски патеки треба да се движат до 25 км/час, а во пешачки зони до 6 км на час .
Експертите за безбедност во сообраќај предупредуваат и дека најголем дел од граѓаните кои управуваат електрични тротинети не користат ниту кацига и останата заштитна опрема пропишана во Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата.
- Треба да бидат означени со рефлектирачки елек, посебно ноќе, изјави Игор Митревски, експерт за безбедност во сообраќајот.
Од друга страна Митревски посочува дека и надлежните треба да им обезбедат подобри услови на лицата кои управуваат електрични тротинети или велосипеди.
- Треба да се реконструираат и тие патеки за велосипеди и тротинети, а не само булеварите. На пример булеварот Партизански одреди неколку пати е реконструиран, а овие патеки не се санирани, вели Митревски.
Според сегашниот закон електричен тротинет може да управува лице со наполнети 14 години. А глобите за непочитување на одредбите се движат од 50 до 120 евра. Неодамна од МВР најавија построги законски правила за возачите на електрични тротинети со цел да се зголеми безбедноста, а меѓу измените се планира ограничувањето да биде зголемено на 16 или 18 години по примерот на Грција која презеде порадикални мерки во оваа насока поради зголемениот број на жртви кои управувале тротинети.
-

Александар Динев
Сите содржини од овој новинар
