Калас: Администрацијата на Трамп не сака силна Европска Унија

Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп не поддржува единствена Европска Унија, бидејќи ЕУ е геополитичка сила што Вашингтон не може да ја игнорира, изјави денеска високата претставничка на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Каја Калас, повикувајќи ги земјите-членки да не ја ослабуваат Унијата со билатерални договори со САД.
„Тие не ја сакаат Европската Унија, тоа е многу јасно“, рече Калас на конференција во Талин, објави бриселски „Политико“.
Таа додаде дека ниту Кина, ниту Русија, не сакаат силна и обединета Европска Унија.
„Мора да разбереме зошто тие не ја сакаат ЕУ. Ако сме обединети и дејствуваме заедно, тогаш сме рамноправна сила и сме силни“, изјави Калас.
Според неа, на големите сили им е полесно да соработуваат со поединечни држави отколку со блок што може да дејствува како рамноправен партнер.
Калас предупреди дека пораките како „имаме одлични односи со вашата земја, но не ја сакаме Европската Унија“ се дел од стратегијата „раздели па владеј“.
„Многу сум загрижена бидејќи понекогаш гледам дека и поединечните земји-членки одат во таа насока. Поделбите очигледно функционираат“, истакна таа.
Калас ги повика земјите-членки да го бранат единството на Унијата и да склучат сите важни договори со глобалните сили преку институциите на ЕУ.
Зборувајќи за односите со Кина, шефицата на европската дипломатија оцени дека Европа има „многу јасна дијагноза на проблемот“, но дека сè уште нема договор за решение.
Таа изјави дека ЕУ има две можности, да продолжи да ја субвенционира индустријата или да применува построги економски инструменти, вклучувајќи контрола на странски инвестиции, јавни набавки и диверзификација на снабдувањето со критични суровини.
„Ќе биде болно да се користат тие инструменти, бидејќи ќе следи одговор. Сè уште не сме стигнале до таа точка и се грижам дека дури и богатите земји на крајот ќе останат без парите на даночните обврзници за субвенции, без да се реши основниот проблем“, рече Калас.
МИА
Ново на Сител
-

Неуспешен тест на „СпејсЕкс“ со ракетата „Старшип“, првиот сегмент на ракетата заврши во морето
-

АХВ: Почна дистрибуцијата на вакцините за болеста сипаници кај овци и кози до ветеринарните друштва
-

Николоски: Делницата Извор-Врбјани наскоро во функција, автопатот Кичево-Охрид до мај целосно завршен
-

Од утре задолжително поседување зимска опрема за возилата
-

Куба се подготвува за можна воена агресија, изјави претседателот Дијаз-Канел
-

САД ја укинаа забраната за летови, се очекуваат доцнења
-

Трамп ќе се сретне со Путин и Шји следната седмица, потврди Белата куќа
-

„Мајкрософт“: Обновени услугите на „Тимс“, „Аутлук“ и „Копилот“ по глобалниот прекин
