Гаши не го коментира случајот со враќањето на Груби во земјата, смета дека политиката не треба да се меша во судството

Претседателот на Собранието, Африм Гаши, денеска изјави дека политиката не треба да се меша во судството и дека како прв човек на законодавниот дом нема да го коментира враќањето на Артан Груби во земјата, кој е поранешен вицепремиер од ДУИ осомничен за злоупотреби, и како тоа би се одразило врз опозициските партии, но и во коалицијата „Вреди“.
- Собранието и јас како негов претседател не е добро да коментирам политички одлуки, но она што сум го изјавил јавно и што е принципиелно и можам да го повторам е тоа дека е крајно време да престанеме да се мешаме во судството. Таа перцепција кај граѓаните дека има некаков договор остава лошо чувство кај сите граѓани, така што мојата порака би била, конечно, секоја институција да си ја врши својата работа, во овој дел судството и Обвинителството. Има процес, нека си ја вршат својата работа совесно и професионално. Тоа ќе биде доволно сите граѓани да бидат задоволени. На крајот на краиштата, битна е правдата - изјави Гаши.
Гаши, како што истакна, не мисли дека враќањето на Груби е политичка одлука. - Немам никакви информации, не можам да тврдам нешто што не го знам - рече тој.
Дојдено е времето, според претседателот на Собранието, „сите да се свестиме дека немаме време веќе за губење за воспоставување на правната држава“.
- Ова е повик кон сите институции, актери во општеството, и судството и Обвинителството, и извршната и законодавната власт, ако секој си ја извршува својата работа професионално и совесно, мислам дека не е тешко да се дојде до тоа. Конечно, сите ние што сме повикани, вклучително и вие како новинари, за кои сметам дека сте битен фактор во општеството, ако сите работиме во една насока, мислам дека ќе постигнеме позитивни ефекти многу побргу - рече Гаши.
Додава дека секоја институција треба да работи совесно и професионално и, вели, ако се водиме од овие два принципа, убеден сум дека ќе имаме позитивни ефекти.
За утре е закажана седница на работната група за Изборниот законик во Министерството за правда и се очекува да биде избран нејзин претседател. Гаши информира дека во следните недели во Собранието би требало да пристигнат нови закони од реформската агенда.
- Интенцијата е работата да биде динамична и што побргу да имаме Изборен законик што би бил прифатлив за сите инволвирани страни во изборниот процес. Што се однесува до реформската агенда, очекуваме деновиве да видиме кои се законите што се планираат да се достават од страна на Владата за Собранието да биде спремно и да направи календар и предвидливост во процесот на носењето на овие закони од реформската агенда - рече Гаши.
Во однос на Кривичниот законик, претседателот на Собранието рече дека неформално е информиран оти ќе има нов Кривичен законик, но нема информација кога ќе биде доставен до нив.
МИА
Ново на Сител
-

Трамп тврди дека Зеленски добил „милијарди долари“, Шикорски негира - САД немаат дадено „ниту цент“ од јануари 2025
-

МВР: Во септември санкционирани 1.803 возачи на велосипеди и мотоцикли, одземени 88 мотоцикли
-

Светски рекорд на Матка: Врело е најдлабоко истражената подводна пештера со 338 метри
-

Зеленски: Путин не е заинтересиран за мировни преговори, извозот на дизел во САД само ќе му ги наполни џебовите
-

Москва ја поздрави одлуката на Трамп за укинување на пакетот санкции против Русија
-

Приведени две лица поради нелегална сеча на дрва
-

Акциска контрола за брзо возење – за шест часа констатиран 541 прекршок
-

АХВ заплени и уништи еден тон пилешки желудник
