Македонија
23. January 2026 - 16:32

Власта обезбеди 2/3 мнозинство за Сејф сити и омбудсманот без СДСМ и ДУИ

Две од клучните прашања од лидерската средба што денеска ја свика Мицкоски поминаа во Собранието – Законот за прекршоци, со што од 1 февруари стапува на сила „Сејф сити“, и изборот на нов Народен правобранител. Двете прашања бараа двотретинско мнозинство, а правобранителот со месеци чекаше и Бадентерово мнозинство.

Иако Ахмети и ДУИ во последен момент се предомислија и отстапија од договореното на лидерската средба, а Филипче и СДСМ воопшто не присуствуваа на неа, власта обезбеди двотретинско мнозинство заедно со шесте пратеници на Левица, како и со Бејџан Иљаз од Демократската партија на Турците, кој е дел од Фронтот на ДУИ, и Илир Демири, од крилото на Села во Алијансата за Албанците, кој и претходно најави независно делување.

Законот за прекршоци беше донесен со 81 глас „за“ и 19 „против“, што беше потврдено и со поединечно гласање, на барање на ДУИ.

ДУИ гласаа против со образложение дека не биле сигурни во ветувањата на ВМРО-ДПМНЕ и дека законот е противуставен, бидејќи „Сејф сити“ ќе се применува само во Скопје, Тетово и Куманово.

СДСМ останаа на ставот дека не веруваат во безбедноста на податоците.

Набрзо потоа, двотретинското мнозинство беше искористено и за избор на Фатон Сељами од Тетово за Народен правобранител. Бадентеровото мнозинство го обезбедија двајца пратеници на Левица, како и Иљаз и Демири од опозицискиот албански блок. Поддршка дадоа и дел од пратениците на СДСМ.

Власта е задоволна од исходот. Лидерската средба ја прогласија за успешна, а ДУИ и СДСМ за изолирани.

Покрај Законот за прекршоци и изборот на Народниот правобранител, учесниците се согласија и за укинување на т.н. пржинска влада пред избори, како и за поддршка на реформските закони од ЕУ-агендата.