Фон дер Лајен: Близу сме до договор со САД за заедничка рамка за просперитет на Украина

Европската унија е близу до договор со САД и Украина за единствена заедничка рамка за просперитет, како инструмент за зголемување на украинскиот просперитет од моментот кога ќе биде постигнат прекин на огнот, најави претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен на прес-конференцијата по завршувањето на синоќешниот неформален Самит на ЕУ во Брисел.
– Зборуваме за единствен документ што ја претставува колективната визија на Украинците, Американците и Европа за повоената иднина на Украина, рече Фон дер Лајен.
Според неа, клучни столбови на рамката се зголемување на украинската продуктивност, забрзување на интеграцијата на Украина во Единствениот пазар на ЕУ, значително зголемување на инвестициите, посилна координација со донаторите и спроведување на фундаментални реформи поврзани со зајакнување на владеењето на правото и борбата против корупцијата и модернизација на јавната администрација.
– Оваа рамка за просперитет е многу важна пресвртница. Како што реков, речиси сме пред договор. Активно ја подготвуваме иднината на Украина како модерна, суверена и слободна земја. Ова е силен сигнал до нашиот храбар сосед и партнер во тешки времиња, рече Фон дер Лајен.
Таа додаде дека во време кога Русија ги удвојува своите напади во Украина, ЕУ оваа недела испраќа 447 генератори во земјата во вредност од 3,7 милиони евра за да се обезбеди струјата во болниците, засолништата и критичните служби.
– Работата напредува добро и во однос на аспектите на безбедноста и просперитетот од мировните преговори. Во однос на безбедносните гаранции, последниот состанок во Париз донесе добар напредок. Како што знаете, сега чекаме руски одговор, додаде Фон дер Лајен.
МИА
Ново на Сител
-

Актерството ме научи дека можам да успеам во секоја улога | Марија Јанчевска | Sitel Podcast 145
-

Ѓорѓиевски: Мостот „Генерал Михајло Апостолски“ конечно се става во функција
-

Боко Харам уби 23 војници во Чад
-

Трамп: Иран нема никакви шанси
-

Иран ги обвини САД за убиство на пет цивили во два трговски брода во Ормуската Теснина
-

Сиљановска-Давкова: Да го чуваме македонскиот јазик, да го браниме од негирања, оти без него не сме тие кои сме, ниту ќе останеме свои
-

Во Собранието завршија интервјуата на петте кандидати за член на ДКСК
-

23-годишник од тетовско се сретнал со шест лица за да расчистат недоразбирање, наместо тоа, почнал да пука кон нив
