Кафуле за „љубовни средби“ со „идеалната“ ВИ-личност

Во Њујорк наскоро ќе се отвори првото кафуле за состаноци со вештачка интелигенција во светот. Овој нов американски неконвенционален концепт е создаден како одговор на сè посложената култура на средби и растечката улога на ВИ во секојдневните врски.
Точното место и датум на отворањето на ова љубовно катче за подготовка за вистинскиот, невиртуелен љубовен живот – ќе бидат објавени наскоро, но јавниот интерес веќе е исклучително висок. Проектот е на апликацијата „ЕВА АИ“ (EVA AI), а замислен како „интимен простор“ наменет исклучиво за „љубовни средби“ меѓу посетителот и неговиот „совршен“ дигитален партнер т.е. персонализиран бот, како што се наведува – „во живо“. Амбиентот е дизајниран налик класичен романтичен состанок, со пригушени светла, маси за една личност и специјални држачи за мобилен телефон, каде што дигиталниот партнер „седи“ спроти Вас, додека Вие пиете, грицкате и си разговарате.
Концептот се состои во тоа што корисникот го создава својот „совршен партнер“, со помош на ВИ-апликацијата, а потоа закажуваат состанок во кафулето. Тој или таа пристигнува сам/-а во одреденото време, подготвен/-а да разговара, флертува, или едноставно да го сподели својот секојдневен живот со својот виртуелен партнер.
Иако сѐ ова може да звучи како експеримент за потесна публика, експертите веруваат дека ова е само почеток на поширока преобразба во којашто вештачката интелигенција ќе стане важен дел од современиот љубовен живот. Витни Волф Хрд – основачка на платформата за познанства „Бамбл“ (Bumble), верува дека ВИ со ова може да преземе уште поголем дел од запознавањата во иднина.
– Може да замислиме свет каде што Вашиот ВИ-помошник „би одел“ на состанок наместо Вас со ликовите на други луѓе. Тогаш веќе нема да мора да разговарате со стотици луѓе. ВИ би избрала неколку луѓе кои навистина вреди да се запознаат, предвидува Хрд за „Блумберг лајв“ (Bloomberg Live).
Некои аналитичари покренуваат и прашања за иднината на меѓучовечките односи. Додека едни ја поздравуваат безбедноста, персонализацијата и ненаметливоста на дигиталниот партнер, други предупредуваат дека ваквите трендови би можеле дополнително да ги оддалечат луѓето од вистинска емоционална врска.
МИА
Ново на Сител
-

Двајца од седумте хоспитализирани со западнонилска треска се во критична состојба, за уште тројца други се чекаат резултати
-

АПЕЛ ЗА ПОМОШ: Теодора, мајка на 18-месечно бебе, се бори со рак – потребни се 3,4 милиони денари за лекување
-

Нетанјаху призна дека опаѓа поддршката за Израел во САД, вината ја гледа во социјалните мрежи
-

Вучиќ: Изборите ќе бидат распишани согласно Уставот и интересите на граѓаните на Србија
-

Мицкоски до Филипче: Со вас бевме на врвот по бројот на починати во корона кризата
-

ЦУК: Активни пожари во Долнени и Кичево, под контрола пожарот кај Кавадарци
-

Две нови електронски услуги на ДИЗ: сертификат за извоз на вино и сертификат за земјоделски производи, преработки и стоки
-

Гаши за Законот за правичната застапеност: Ќе го искористам правото од Деловникот да проценам кога може да го повикам пленумот на гласање по исцрпената расправа
