Македонија
4. December 2025 - 16:48

Мицкоски најави партиско освежување по Конгресот во сабота, владина реконструкција на пролет

Мицкоски планира пролетно партиско освежување на раководството на ВМРО-ДПМНЕ, но и реконструкција на владиниот кабиент што го води. Анализата кој ќе остане во Извршниот комитет на партијата, дали ќе има партиски потпретседатели и кои, но и кои министри треба да заминат или пак, кои ресори треба да се променат ќе ги прави по партискиот Конгрес во сабота, а процесот треба целосно да заврши кон крајот на март и почетокот на април.

„На првиот Централен комитет по Конгресот ќе предложам нов Извршен комитет и ќе почне процес на генерален избор на раковoдствата во општинските комитети и другите партиски органи. Да дадаме една нова енергија, кадровско освежување на партијата. Тоа се’ треба да биде завршено до крајот на март. Во април и мај треба да почне интервенцијата во Владата. Ако не дојде до некакви промени, парламетарните избори треба да се планираат за пролет 2028 “, објави Мицкоски на брифинг со новинарите.

Интерните партиски анкети направени во ноември, покажуваат дека ВМРО-ДПМНЕ и понатаму е партија со највисок рејтинг, три пати повеќе од оние на Вреди, СДСМ, Левица и ДУИ. Сепак, тој не планира предвремени избори бидејки наредната година се договара нова еврообврзница од 700 милиони до една милјарда евра, што ќе биде економски предизвик. Дополнително, очекува да растатат и макроекономските параметри со инфрлација до 3 отсто и реален раст на БДП од 3,5 до 4 отсто што, според него, не треба да биде прекинато со избори. 

Мицкоски засега, пред Конгресот, е единствен кандидат за лидер на партијата, а во Кавадарци очекува делегатите да му ја пружат довербата за уште еден мандат. Таму треба да биде донесена и партиската стратегија „Визија што гради држава“ во која ќе бидат прецизирани чекорите што до 2030 година треба да ги спроведе ВМРО-ДПМНЕ како владејачка партија.

Веднаш по партискиот Конгрес лидерот на ВМРО-ДПМНЕ заминува во Брисел на Самит на ЕУ за Западен Балкан. Во однос на реформската агенда Мицкоски очекува забрзување на темпото на законите и подзаконските акти што треба да се донесат. Сепак, не отстапува од тоа дека судството и обвинителството нема да добијат повеќе пари за поголеми плати.

„Она за што ќе отстапиме се само повеќе пари за нови вработувања на технички персонал за кој се жалат дека го немаат. Но, претходно им побаравме да ни достават список што од вработувањата им е потребно за да обезбедиме пари, па потоа ете сами нека одлучат кого ќе вработат. Пари за поголеми плати на судии и обвинители ќе нема!“, дециден е Мицкоски.

Од друга страна во место стои и дијалогот со Бугарија бидејќи Софија се уште не направила чекор напред, информираше лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.