Истрага против две лица за тешката сообраќајна несреќа во Охрид

Основното јавно обвинителство Охрид донесе Наредба за спроведување истражна постапка против две лица за Тешки дела против безбедноста на луѓето имотот во сообраќајот од член 300 став 2 од Кривичниот законик, во врска со синоќешната сообраќајна несреќа на булеварот „Туристичка” во која едно лице го загуби животот, а уште едно беше тешко повредено. Предложен е и притвор за двајцата осомничени, соопшти вечерва Јавното обвинителство.
Првиот осомничен го извршил делото со директно загрозување на безбедноста во сообраќајот, односно во врска со член 297 став 1 од Кривичниот законик, бидејќи како учесник во сообраќајот на јавните патишта, управувал автомобил Фолксваген голф без да поседува возачка дозвола и со брзина неприспособена на својствата и состојбите на патот. Поради тоа, информира Обвинителството, 21-годишникот изгубил контрола над возилото, навлегол на кружниот тек преминувајќи преку средишниот остров, возел надвор од коловозот и удрил во метален столб – канделабра на тротоарот. Потоа продолжил да се движи по тротоарот каде налетал на двајца пешаци и конечно удрил во бетонска ограда. Во несреќата била повредена пешакот Александра Божиноска која починала на лице место, додека кај другиот пешак биле предизвикани тешки телесни повреди.
Истрага е поведена и за сопатникот во автомобилот Фолксваген голф, 18-годишен сопственик на автомобилот. Тој делото го сторил загрозувајќи ја безбедноста на сообраќајот со опасно дејствие или средство, односно во врска со член 298 став 1 од Кривичниот законик.
- Иако бил свесен дека поради неговото постапување може да настапи штетна последица, односно дека неговиот другар не поседува возачка дозвола и може тешко да ја загрози безбедноста на сообраќајот и да го доведе во опасност животот на луѓето, вториот осомничен му го дал возилото во негова сопственост да го управува. Ценејќи дека се исполнети законските основи, јавниот обвинител предложи мерка притвор за двајцата осомничени, се вели во соопштението.
Ново на Сител
-

Во Штип наврнале 18 литри дожд на квадратен метар, денеска услови за невреме и град
-

Американската воена операција во Иран досега чинела 37,5 милијарди долари, изјави шефот на Пентагон
-

УХМР издаде метеоаларм за невреме со град и ветер над 60 km/h
-

Над 8.300 повици на 112 во ЦУК по невремето
-

САД извршија нови напади врз Иран, Вашингтон остава отворена можност за дијалог со Техеран
-

Невреме во регионот - Гром усмрти околу 30 овци во БиХ, предизвикан и шумски пожар кај Макарска
-

Втор ден од официјалната посета на претседателката на Индија на земјава
-

МВР: Во Скопје евидентирани 117 оштетени возила и 10 повредени лица
