Советот на Народната банка на седница ги усвои Годишниот извештај и Извештајот за ризиците во банкарскиот систем за 2024 година

Советот на Народната банка го усвои Годишниот извештај за 2024 година, во кој, како што соопшти НБ, се истакна успешното остварување на целите на централната банка, што е потврдено и од најрелевантните меѓународни финансиски институции, а се согледува преку натамошното забавување на инфлацијата, одржувањето на стабилноста на девизниот курс и натамошното јакнење на финансиската стабилност. Иако условите сѐ уште се неизвесни, добрите трендови кај инфлацијата и девизните резерви овозможија постепена нормализација на монетарната политика. Паралелно со справувањето со макроекономските предизвици, Народната банка оствари и бројни проекти.
- Во светски контекст, 2024 година беше обележана со силни геополитички тензии и трансформации поврзани со дигитализацијата и вештачката интелигенција, поради што се зголеми неизвесноста. Сепак, светската економија и натаму закрепнува, а раст од 2,8 проценти забележа и македонската економија. Просечната стапка на инфлација забавуваше и се сведе на 3,5 проценти, од 9,4 проценти претходната година, одразувајќи ги постабилните движења кај цените на храната, енергијата и базичната инфлација, како и ефектите од соодветната монетарна поставеност. Соодветно на поволните трендови кај инфлацијата и на девизниот пазар, Народната банка започна со постепено нормализирање на монетарната политика. Основната каматна стапка беше намалена трипати до нивото од 5,35 проценти, а беа намалени и каматните стапки на депозитите, но поумерено. Покрај ова, мерките преземени во областа на задолжителната резерва придонесоа за натамошно јакнење на денаризацијата и долгорочното штедење, наведуваат од НБ.
Оттаму посочуваат дека како едно од најзначајните достигнувања во текот на 2024 година е поднесувањето на барањето за членство во Единствената област за плаќања во евра (СЕПА). Под водство на Народната банка, беа преземени бројни активности за усогласување на националната регулативата со законодавството на ЕУ, што го овозможија приемот на нашата земја како 39-тата членка на СЕПА на 6 март годинава. Овој чекор претставува значаен напредок на патот кон ЕУ и потврда за високите регулативни барања и стандарди за домашните финансиски институции при извршувањето на плаќањата.
Заради обезбедување на потребната ефикасност на плаќањата во евра со зачленувањето на земјава во СЕПА, Советот на Народната банка на седницата извршил дополнителни промени во регулативната рамка за извршување на плаќањата со странство. Со овие измени, коишто ќе започнат да се применуваат од 5 октомври годинава, кога давателите на платежни услуги ќе може првпат да се приклучат кон платните системи во СЕПА, се постигнува значителна либерализација на прекуграничните плаќања. Се укинуваат преостанатите обврски за задолжително поднесување документација при извршувањето на одливните и приливните плаќања со странство. Истовремено, паричните средства од странство ќе им се ставаат на платежните сметки на граѓаните и компаниите веднаш, а најдоцна следниот работен ден. Само за мал број плаќања, за кои се предвидени законски ограничувања до влезот на земјата во Европската Унија, и натаму ќе се приложува документација и одложено ќе им се ставаат на располагање на примачите. Овие измени на регулативната рамка, според централната банка, ќе ја зголемат ефикасноста на процесите во банкарскиот сектор, со што ќе се создадат услови за побрзи и поевтини плаќања во евра за граѓаните и за компаниите.
Во Извештајот за ризиците во банкарскиот систем во 2024 година, пак,што исто така е усвоен на денешаната седница се наведува дека банкарскиот систем и во 2024 година функционира стабилно, со засилен раст на депозитите и кредитите, подобрување на ликвидноста и солвентноста, како и со одржување добар квалитет на кредитното портфолио. - Стапката на адекватност на капиталот, во текот на 2024 година, достигна нивоа коишто се највисоки од 2006 година наваму, а на крајот од годината изнесуваше 18,9 проценти. И покрај позитивните трендови, и натаму има потреба од внимателно следење на ризиците, особено поради нестабилното геополитичко окружување и потенцијалните надворешни шокови, укажува Народната банка.
Ново на Сител
-

Прекин на сообраќајот на патот Прилеп–Градско кај Ореовец поради превртено товарно возило
-

„Мерцедес“ ги крати трошоците поради неконкурентност, „Фолксваген“ пред затворање фабрики и укинување 100.000 работни места
-

Два активни пожари на отворен простор во Василево и Прилеп, пет изгаснати
-

Трамп: Иранските напади со дронови врз бродови во Ормуз е кршење на прекинот на огнот
-

Притворен македонскиот државјанин за убиството на 45-годишната жена на Крит
-

Еден час пауза во Собранието - заврши општиот претрес на измените на Законот за основно образование
-

Градоначалничката на Кисела Вода го пречека победникот на „Ѕвездите на Гранд 2026“ Бојан Илиевски
-

Љутков: Што и да се случи, секогаш стојам зад културата
