Македонија
1. March 2025 - 9:19

Почнува Рамазанскиот пост

Верниците од исламска вероисповед рано изутринава го почнаа Рамазанскиот пост, што трае 30 дена и завршува на 30 март. За време на постот верниците од изгрејсонце до зајдисонце се воздржуваат од јадење и пиење.

Според исламската религија, Рамазан е месец кога првите стихови од Куранот му биле откриени на пророкот Мухамед пред повеќе од 1.400 години. Постот, кој е еден од исламските столбови е задолжителен за сите верници за нивно физичко и духовно прочистување. Верниците мора да се воздржуваат од лоши зборови и дела со цел општо човечко прочистување.

Постењето е верска обврска за секој полнолетен, здрав муслимански верник, но не е обврзувачко за болните, бремените жени и работниците кои вршат тешка физичка работа.

По рамазанскиот пост, на 30 март е Рамазан Бајрам, кој се чествува три дена. Тогаш целото семејство се собира на празнична трпеза, а се посетуват роднините и пријателите. Рамазан е деветтиот месец во Исламскиот календар.

Првиот ден од Рамазан Бајрам е државен празник и 31 март (понеделник) ќе биде неработен ден за сите граѓани.

Во пресрет на почнувањето на Рамазанскиот пост, поглаварот на Исламската верска заедница, реисул-улема Х. Хфз. Шаќир ефенди Фетаи испрати порака во која истакна дека овој голем месец потсетува на важноста на постот, покорноста и добрите дела, и кој не води кон духовно и физичко прочистување.

Тој им порача на верниците дека постот не е само чин на воздржување од храна и пијалаци, туку, како што посочува, духовно патување коe помага да се формира свеста за доброто и да се зајакнува врската со Семоќниот Алах и да се негува чувството кон другите.

-Во овој месец на знаење и мудрост, да бараме знаење и да го продлабочиме нашето разбирање преку читање и размислување. Рамазан исто така е и можност за зајакнување на меѓусебните врски, за остварување на толеранцијата, милоста и хуманоста. Тој не повикува да бидеме сакани, да бидеме повнимателни кон луѓето, особено кон луѓето кои имаат потреба за помош, и да придонесеме за градење на поправедно и мирно општество. Го молиме Возвишениот Алах овој месец да донесе мир во нашите срца и секаде во светот. Се молиме за прекин на сите конфликти и за крај на страдањата на невините луѓе, вели Фетаху.

Поглаварот на ИВЗ во порака посакува овој месец за биде време за помирување, простување и блискост еден со друг.

-Браќа и сестри! Дозволете ми, во име на Исламската Верска Заедница и во мое лично име, да посакам од се срце овој Рамазан да ни биде исполнет со добрина и божествена милост. Алах да ни даде сила и да ни го направи постот лесен и го молиме Севишниот Алaх да ни овозможи опрост и да не покрие со Неговата бескрајна милост. Алах да ве благослови вас и вашите семејства, вели Фетаи во пораката по повод почнувањето на Рамазанскиот пост.