Преглед на вестите од светот
По 150 војници од двете страни дел од размена меѓу Русија и Украина
Размена на војници-заробеници се случи вчера меѓу Русија и Украина. Локацијата не е откриена поради безбедносни причини. Датумот беше потврден со изјавата на украинските и руските официјални лица што ја потврди размената на затвореници во средата. Секоја страна ослободи по 150 воени заробеници, соопштија двете земји. Некои од заробениците биле и повеќе од две години. Радоста кај семејствата секако дека беше голема приповторната средба со најблиските.
Украина „значително“ го интензивираше контактот со американската администрација. Вашингтон е еден од најголемите добавувачи на воена помош за Киев од почетокот на руската целосна инвазија пред речиси три години. Украина продолжува да добива воена помош од САД, но во моментов нема дискусија за какви било потенцијални пакети, изјави претседателот на Украина Володимир Зеленски.
Руските војници одбиле неколку украински офанзиви и ја презеле контролата врз уште две населени места: Баранивка во областа Доњецк и Нововолинск во Харков. Украинските вооружени сили соопштија дека извршиле заеднички напад врз рафинеријата во Краснодарскиот крај во Русија, која, според нив, главно рафинира сурова нафта и произведува нафтени деривати за руската армија.
Рубио: Коментарите на Трамп за Газа не беа непријателски, тој сака да ја обнови
Американскиот државен секретар Марко Рубио изјави дека Доналд Трамп само предложил САД да ја преземат одговорноста за обновата на Газа, а не трајно да ја преземат контролата врз областа, пишува „Гардијан“. Трамп оваа изјава ја даде за време на средбата со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, кога повика на преселување на два милиони Палестинци од Газа во соседните земји.
Рубио во Гватемала Сити рече дека предлогот на Трамп „не бил замислен како непријателски чин“. Тој додаде дека Трамп сака да поддржи „обнова на домови и бизниси и слични работи, за луѓето да можат да се вратат“.
Рубио ја опиша Газа како „област слична на природна катастрофа“, каде што луѓето не можат да живеат поради неексплодирани смртоносни средства, урнатини и отпад.
-
Марјан Ников
Сите содржини од овој новинар