Ангеловска-Бежоска: Стабилноста на денарот е загарантирана, девизните резерви повисоки во споредба со претпандемичниот период

Стабилноста на денарот е загарантирана благодарение на капацитетот и инструментариумот со кој располага Народната банка за одбрана на курсот на домашната валута, со акцент на девизните резерви коишто годинава се околу 40 отсто над нивото од претпандемичниот период. Се очекува натамошно постепено стабилизирање на инфлацијата и следната година. Идната монетарна политика ќе зависи од инфлацијата и од девизниот пазар. Ова го посочи гувернерката на Народната банка Анита Ангеловска-Бежоска во интервју за Македонската телевизија.
Гувернерката, како што информира Народна банка, нагласи дека и покрај бројните предизвици НБ преку своите мерки успеа да ја одржи макроекономската стабилност, како и стабилноста на курсот на домашната валута во однос на еврото. Говорејќи за нивото на девизните резерви, како главен инструмент за одржување на стабилноста на курсот, гувернерката посочи дека тоа е значително повисоко во однос на претпандемичниот период и нагласи дека тоа се должи на постојаниот откуп на девизи од страна на Народната банка на девизниот пазар во изминатите две години, во услови на значително постабилен платен биланс особено трговската сметка, дознаките, како и солидните странски инвестиции.

Во однос на инфлацијата, гувернерката истакна дека по просечната инфлација од 9,4 отсто минатата година, таа во првите десет месеци од оваа година изнесува 3,4 отсто и дека се очекува натамошно постепено забавување и следната година. Сепак, гувернерката посочува и на одредени ризици.
- Важно е да се истакне дека цените на примарните производи се под значително влијание на геополитичките случувања, а тој дел сѐ уште е ранлив, постои голема неизвесност и потребно е големо внимание. Дополнителни извори на ризици се секако домашните фактори, особено пазарот на трудот, на кој треба да му обрнеме особено внимание за да не се соочиме со нови бранови на инфлациски движења, посочува Ангеловска-Бежоска.
Гувернерката нагласува дека поставеноста на монетарната политика и во иднина ќе биде условена од инфлацијата и девизниот пазар.
- Доколку се задржат поволните трендови, без остварување на некои поголеми надворешни и домашни шокови, тоа секако ќе остави простор за натамошно олабавување на монетарната политика, истакнува гувернерката Ангеловска-Бежоска.
Ново на Сител
-

Нетанјаху и Трамп вo понеделник ќе се сретнат во Флорида
-

Граничниот премин Евзони повторно затворен
-

На Макрон му веруваат само една четвртина од Французите, најмалку од 2017 година
-

Мурињо не дозволува трансфер во Барселона
-

Српските студенти во блокада за утре најавија акција за собирање потписи - „Распиши победа“
-

Зеленски ќе ја посети Канада на пат кон Флорида, онлајн ќе разговара и со европските лидери
-

Вучиќ разговарал со Орбан за енергетската безбедност, му се заблагодарил за поддршката на Србија
-

Сиљановска-Давкова: Вредноста на нашите мировници никогаш не била повидлива
