Преглед на вестите од свет
Состојбите во Украина и на Блискиот Исток, позицијата на ЕУ во светот, нејзината отпорност и подготвеност и прашањата за миграцијата и за надворешната политика, ќе бидат главни теми на денешната средба во Брисел на шефовите на држави или влади на членките на Европската Унија.
Во делот од Самитот посветен на состојбата во Украина ќе присуствува и украинскиот претседател Володимир Зеленски, кој своите колеги ќе ги информира за најновите случувања на теренот и за неговите ставови за тоа како Европа може најдобро да ја поддржи неговата земја.
Украинските воздухопловни сили утрово соопштија дека Русија лансирала 85 беспилотни летала за напад на Украина во текот на ноќта. 40 „дронови имитатори“ не стигнале до своите цели, а 45 други беспилотни летала биле соборени. Украинските власти не пријавија штети или жртви во Киев, иако можеа да се слушнат експлозии
Русија, исто така, лансираше две балистички ракети оштетувајќи станбени згради и општински имот во Суми и Днирпопетровск.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека нема да поддржи замрзнување на конфликтот со Русија за да се забрзаат мировните преговори, нагласувајќи ја својата посветеност на заштитата на украинските интереси и територијалниот интегритет.
„Доналд Трамп знае за мојата желба да не ги брзам работите на штета на Украина,“ изјави Зеленски, додавајќи дека секој мировен договор мора да вклучува враќање на окупираните територии и гаранции за безбедноста на Украина.
Украинскиот претседател вчера разговараше во Брисел со францускиот претседател Емануел Макрон за неговиот предлог за распоредување војници во Украина како начин за постигнување стабилен мир.
Јеменските Хути истрелаа беспилотни летала и проектили кон Израел во неколку наврати, опишувајќи ги овие акции како израз на солидарност со Палестинците во Газа, кои беа изложени на израелски напади од октомври 2023 година по нападот на Хамас врз јужен Израел.
Според израелската војска, во утрински часови денеска се слушале сирени над централен Израел кога бил пресретнат проектил истрелан од Јемен. Проектил можел да се забележи и над небото над Тел Авив, кога бил пресретнат од одбраната на израелската железна купола.
Остатоци од пресретнувањето на ракетата на Хутите лансирана од Јемен предизвикаа штета на училиште во Рамат Ган. Степенот на штетата на училиштето стана појасен во утринските часови.
Израел подоцна започна воздушни напади во Јемен, каде што беа убиени девет лица, според ТВ Ал Масира, главниот телевизиски канал управуван од движењето Хути кое контролира голем дел од земјата.
-
Марјан Ников
Сите содржини од овој новинар