Македонија
18. December 2024 - 16:31

Арачиново повторно под полициска опсада - Пронајдено автоматско оружје, пушки, муниција

Арачиново синоќа повторно под полициска опсада- полицијата вршела претреси на повеќе места во атарот на општината, а пронашле автоматско оружје, пушки, муниција. Акцијата на единиците на МВР е продолжение на претходните акции, кога се разбиваше и кланот Беланоца, а беа уапсени 4 лица за кои веќе има 30 дневен притвор. 

“Биле пронајдени еден пушкомитралез, девет автоматски пушки, повеќе празни рамки за автоматска пушка и реденик за пушкомитралез, две рамки за автоматска пушка со куршуми, една тегла со муниција, ранец и други предмети.” – соопштија од МВР. 

Според СДСМ, акцијата за апсење на членови на криминалната група Беланоца започнала уште дури тие биле на власт, затоа и поголемиот дел од групата веќе се во затвор. Според опозициската партија, министерот Тошковски се кити со туѓи перја. 

Со акцијата на МВР од неделата четворица се уапсени за кои веќе е определен 30 дневен притвор. Дел од нив се во затвор, дел во притвор, шест во бегство, а за двајца е распишана меѓународна потерница.

Криминалната група, организирала и планирала убиства, а едно убиство достигнувало и до 250.000 евра.