Три училишта во Босилово почнаа сами да произведуваат струја
Училиштата во општина Босилово се на пат да станат енергетски ефикасни и само одржливи. благодарение на поставените фотоволтаични панели. Дел од нив веќе успешно произведуваат струја за сопствените потреби. Во две училишта фотоволтаичните системи се поставени како дел од проектот ,,Подобрување на енергетската ефикасност'' за кој најголемиот дел од средствата беа обезбедени преку фондот за развој на Република Бугарија.
За градоначалникот на Босилово, Ристо Манчев ова е многу важен проект бидејќи стратешка цел на општината била не само училиштата, туку и останатите општински објекти да добијат вакви системи и на тој начин да создадат темел за одржлив развој и зелената иднина на заедницата.
,,Нашата стратегија е најпрвин да инвестираме во производство на електрична енергија , а понатаму ќе инвестираме во топлински пумпи, инвертери и така натаму за да можеме да создадеме и систем на ефикасно користење на таа електрична енергија. Така што, колку да изгледа комплицирано на крајот целта ги оправдува средствата и на тој начин верувам дека ќе успееме со поддршка на овој проект преку надворешни извори на финансирање, со поддршка на општината и средства од други извори на финансирање мислам дека во наредните две години на секој објект во општинска сопственост ќе има поставено фотоволтаични панели'', вели Ристо Манчев градоначалник на општина Босилово
Амбасадорот на Република Бугарија, Жељазко Радуков, смета дека примерот на Босилово треба да го следат и поголемите општини. Според него, со оваа инвестиција училиштата не само што стануваат енергетски независни, туку служат и како пример за одржлива употреба на обновливи извори на енергија.
,, Прекрасна е идејата на општината и на училиштето. Да споиш два од врвните приоритети на бугарскиот фонд за развој и тоа да ги споиш во толку добро смислен и напишан проект не е лесна работа. Ние се залагаме за иднината, тоа значи дека се залагаме за образованието на децата и се залагаме за чувањето на животната средина. Општина Босилово понуди можност со еден проект да ги постигнеме двата приоритети'', рече Жељазко Радуков амбасадор на Република Бугарија во Македонија.
Освен училиштата во Босилово и Турново, претходно фотоволтаичен систем беше инсталиран и во училиштето во селото Секирник. Системот беше реализиран преку Центарот за развој на Југоисточниот плански регион и со поддршка на министерството за локална самуправа ворамки на проектот „Подобрување на енергетската ефикасност на јавни објекти во Југоисточниот регион“.
-
Зоран Ѓоргиев
Сите содржини од овој новинар